Мартин Гоџоски од Варош го фати светиот крстот што на празникот Богојавление Водици, беше положен во осветените води на Охридското Езеро. Тој беше најсреќен помеѓу неколкуте стотини капачи. Гоџоски крстот го фати и во 2022 година.
Светиот крст во водите на Охридското Езеро беше положен од градското пристаниште, а чинот на полагањето го изврши Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан.
Претходно беше отслужена богослужба и света литургија во црквата Успение на Пресвета Богородица – Каменско со која чиноначалствуваше Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан.
На чинот на положување на Светиот крст присуствуваа претседателката Гордана Сиљановска – Давкова и градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков.
Традиционално, фаќачот на крстот заедно со неговата тајфа денеска ќе ги посетат домовите на охриѓани честитајќи им го големиот празник Богојавление – Водици.
Настанот на градското пристаниште во Охрид го проследија голем број граѓани од Охрид, земјава и од странство.
Одбележувањето на големиот верски празник Богојавление-Водици и годинава се одржува во организација на Дебарско – кичевската епархија и локалната самоуправа, а со поддршка на јавните претпријатијаж, нуркачките клубови, здравствените установи, ТППЕ Охрид, СВР Охрид.