Однесувањето на израелската влада е неприфатливо и срамно, изјави францускиот претседател Емануел Макрон. Тој рече дека разменил остри зборови со премиерот Нетанјаху, но предупреди дека американскиот претседател Доналд Трамп има моќ да изврши притисок врз Израел. Најмалку 65 лица се убиени во израелските напади врз Газа од раните утрински часови.
Францускиот претседател Емануел Макрон во вторник ја обвини владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху за неприфатливо и срамно однесување, во услови на повеќе од два месеци блокада на хуманитарна помош за Газа од страна на Израел.
„Она што го прави владата на Бенјамин Нетанјаху е неприфатливо (…). Нема вода, нема лекови, ранетите не можат да излезат, лекарите не можат да влезат. Она што го прави е срамно“, рече Макрон во интервју за телевизијата ТФ1.
Тој објасни дека разговарал со Нетанјаху и разменил остри зборови со него. „Се налутив, но тие (Израел) не зависат од нас, тие зависат од американското оружје“, рече тој, додавајќи дека во светлината на ова, им се потребни САД, бидејќи претседателот Доналд Трамп има влијание со кое може да изврши притисок врз израелскиот премиер и неговата крајно десничарска влада.
Тој исто така истакна дека неодамна ја посетил границата меѓу Египет и Газа и со свои очи ја видел целата помош што не можела да влезе во енклавата поради израелската блокада, што ја опиша како неприфатлива трагедија.
Сепак, според него, не е работа на претседателот на Републиката да прогласи нешто за геноцид, туку работа на историчарите, пренесува француската новинска агенција АФП.
Францускиот претседател неодамна неколкупати наговести дека Франција може да ја признае Палестина во блиска иднина. Се очекува ова прашање да биде разгледано на јунската конференција на Обединетите нации за решението за две држави на Блискиот Исток.
Израелските напади врз Газа продолжуваат. Најмалку 65 лица се убиени од раните утрински часови, објави денес катарската телевизија Ал Џезира, повикувајќи се на локални здравствени извори. Повеќето од жртвите се убиени во напади на север од енклавата, особено во Џабалија.
Во вторник, израелската армија ги нападна областите на болницата „Насер“ и Европската болница во Кан Јунис, при што загинаа вкупно околу 30 лица.