Македонскиот олимписки комитет ја претстави младинската олимписка делегација која ќе ја претставува Македонија на Европскиот младински олимписки фестивал – ЕМОФ Скопје 2025. Оваа година, земјата ќе настапи со рекорден број од 203 учесници, меѓу кои 181 спортисти, придружени од тренери, официјални лица и доктори.
Фестивалот што ќе се одржува од 20 до 26 јули во Скопје ќе обедини над 6000 учесници, вклучувајќи 4300 спортисти и тренери, 700 судии и официјални лица, како и голем број волонтери, со делегации од 50 земји.
Македонија досега учествувала со околу 50 спортисти, но овојпат прави историски чекор со далеку поголема екипа.
Македонските спортисти ќе се натпреваруваат во сите 14 спортови што се дел од ЕМОФ, меѓу кои се баскет, велосипедизам, ракомет, џудо, стрелаштво, пливање, таеквондо, одбојка, пинг понг, атлетика и други. Натпреварите ќе се одржуваат на повеќе локации во Скопје и Куманово, а единствено натпреварите по гимнастика ќе се одржат во Осиек, поради недоволни услови за организација во земјава.
И покрај тоа што Македонија досега нема освоено медал на овие игри, надежите се високи. Организаторите најавија дека очекуваат медал во минимум четири спортови.
Претседателот на Македонскиот олимписки комитет, Даниел Димевски, изјави дека најголем капитал што ќе остане од овие игри се младите надежи.
– Сигурен сум дека ова искуство што ќе го доживеат, кога ќе станат олимпијци, сигурно ќе им помогне побрзо да израснат во врвни спортисти. Правиме приказна што ќе се раскажува во наредните генерации – овие работи не се повторуваат и не се даваат на некоја земја многу брзо – рече тој.
Покрај натпреварувањата, фестивалот вклучува и церемонии на свеченото отворање и затворање, како и тренинзи, едукативни и културни активности.
Отворањето на ЕМОФ 2025 ќе се одржи в недела со почеток во 20:30 часот во Спортскиот центар „Јане Сандански“.