Македонскиот актер Никола Ристановски ја доби наградата за најдобар актер на вечерта на јубилејните 30. Глумачки свечености „Миливоје Живановиќ“, кои се одржуваат во Пожаревац.
Признанието му беше доделено за улогата на професорот Мишел Бабиќ во претставата „Уна“, продукција на Звездара театар.
И стручнното жири и жирито на публиката беа едногласни во оценката дека Ристановски заслужено ја понесе наградата на втората фестивалска вечер, за улогата во претстава инспирирана од роман на Момо Капор.
Претставата „Уна“ премиерно беше изведена во октомври минатата година на сцената „Данило Бата Стојковиќ“. Драматизацијата е на Стеван Копривица, а режијата ја потпишува македонскиот режисер Дејан Пројковски.
Ова е второ признание за Ристановски за улогата во „Уна“, по наградата за најдобро актерско остварување на 34. „Денови на Зоран Радмиловиќ“ во Заечар во 2025 година.
Костимограф на претставата е Ивана Ристиќ, додека музиката ја компонираше Горан Трајкоски.



