Македонската пливачка легенда Томи Стефановски и оваа година, по втор пат, ќе плива за поголема инклузија во спортот. За денеска (14.08.2025) околу 12:30 часот е закажан негов пречек на охридското пристаниште по испливани 16 км.
Со секој испливан километар, Томи ја носи пораката за заедништво и сплотеност – инспирација за сите да го поддржат спортот како место каде секој добива можности.
Повеќе информации и начини за поддршка на лицата со атипичен развој ќе најдете во писмото за донации на следниот линк: [https://drive.google.com/…/1C_aMNz0eJGU3niUW…/view…]
Едно од најголемите достигнувања во кариерата на Стефановски е препливувањето на каналот Ла Манш на 14 август 2009 година. Таа година беше 50-годишен јубилеј од првото препливување на каналот од страна на еден Македонец (Нико Нестор, 1958) и 40-годишнината од препливувањето на првата Македонка (Атина Бојаџи, 1969).
Подвигот на Стефановски траеше 7 часа и 42 минути. Тоа е 13. резултат на вечната листа во 149-годишната историја на препливувањата на каналот (Капетан Метју Веб, 1875).
– На 14 август 2025 година ќе бидат одбележани 16 години од моето препливување на каналот Ла Манш, и по тој повод ќе се одржи хуманитарен настан на кој ќе се обидам да препливам 16 километри по Охридското Езеро од месноста Пештани до црквата „Св. Јован Канео“ во Охрид, па назад до Охридското пристаниште. Мојот јубилеј би сакал да го посветам кон хумани цели, поточно да ја подигнам свеста и да креирам подобри услови за лицата со атипичен развој и инвалидизираните лица во спортот и во физичкото образование. Заедно со вас и вашата поддршка ќе им дадеме можност на многу лица и деца да го достигнат својот потенцијал, да уживаат во благодетите од спортот и да имаат поисполнет живот – изјави Стефановски пред подвигот.