Ексклузивно од министерството за креативна медицина
Министерот за здравство Азир Алиу завчера триумфално соопшти дека Македонија повторно е на врвот во нешто европско – непотребни кардиохируршки интервенции! Од 25 анализирани случаи, 10 пациенти добиле бесплатен бонус: операција на срце која воопшто не им требала.
“Зошто да чекате да ви треба операција, кога можете да ја добиете превентивно?” – изјави еден од лекарите кој, разбирливо, сакаше да остане анонимен. “Ние сме пионери во проактивната медицина. Стент денес, здраво срце… можеби никогаш, ама барем сме пробале!”
На новинарското прашање во кои здравствени установи се случиле овие “недоразбирања”, министерот одговори концизно: “Следно прашање?” Кога беше прашан кој ќе сноси одговорност, министерот внимателно погледна во плафонот, а потоа кон подот, како да бара одговор во архитектурата на салата.
“Одговорност? Тоа е многу комплексно прашање. Потребна ни е уште една комисија која ќе ја анализира првата комисија. А можеби и трета комисија за проверка на втората. Демократијата е процес, знаете” – објасни министерот со насмевка достојна за рекламa за паста за заби.
Како и секогаш во оваа убава земја, одговорот на прашањето “Кој ќе одговара?” е едноставен и предвидлив: народот. Народот ќе одговара со своите срца (здрави или со непотребни стентови), со својот кеш (за сега невидливите “експресни услуги”), и со својата трпеливост (која, за среќа, е побогата од буџетот).
Но најинтересниот дел од оваа медицинска драма е уште понапред. Додека кардиологијата постави бенчмарк за непотребни интервенции, урологијата трпеливо чека свој ред.
Според неофицијални извори, се подготвува пилот-програма за “превентивни проестетски импланти за подобрување на машкиот морал во време на економска криза”. Логиката е железна: ако економијата оди таму каде што оди, барем еден дел од анатомијата да стои исправен.
“Кога целата држава е на колена, некој мора да стои исправен” – објасни еден ентузијастичен уролог кој веќе има подготвено 47 PowerPoint презентации за Министерството.
Македонија уште еднаш докажа дека кога се работи за европски стандарди, ние не правиме компромиси. Ако Европа има протоколи за кардиохирургија, ние ги имаме тие протоколи… плус креативноста, плус флексибилноста, плус “еј, зошто да не пробаме?,народ ќе си плати”
Следниот чекор, според добро информирани извори, е отворање на туристичка агенција “Medical Macedonia Surprise” – дојдете за преглед, ќе платите дебело, а парите ќе бидат финансирани во кампањи за следни избори! Која операција? Тоа е дел од авантурата!
Оваа сатира не ги одразува ставовите ни на еден здравствен работник кој всушност се грижи за пациентите. Сите сличности со вистинскиот хаос се случајни и неизбежни.
Сашо ДЕНЕСОВСКИ
Tagged as:
а урологијата чека ред АЗИР АЛИУ МАКЕДОНИЈА ЛИДЕР ВО ЕВРОПА: Непотребни операции на срце
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.

Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖