Македонија интензивно работи на усогласување на законите со препораките добиени од Европската комисија во рамки на Реформската агенда и Планот за раст, но Владата во овој момент не е согласна да ги прифати сите препораки. Една од нив е либерализација на цената на струјата за домаќинствата, а друга е покачување на платите на судиите и на јавните обвинители.
– Рековме дека и по цена да треба да претрпиме политичка штета, сега нема да ја либерализираме цената на струјата, затоа што тоа ќе значи големо поскапување за граѓаните. Тоа би значело два до три пати покачување особено во првите три години од либерализацијата – рече премиерот Христијан Мицкоски денеска на брифинг со новинарите.
Во однос на платите на судиите и на јавните обвинители тој појасни дека се очекува Македонија да издвојува 0,8% од БДП за платите на судиите и 0,5% од БДП за платите на обвинителите.
– Тоа сега би било вкупно 100 милиони долари и тоа е двојно повеќе од тоа што во моментов изнесува трошокот за овие плати. И како што ќе расте БДП, така ќе треба да расте и овој процент. Тоа ќе значи судија да зема по 300-350.000 денари плата што, според мене е премногу. И сега, судиите и обвинителите кои имаат 2% доверба кај граѓаните, земаат многу високи плати. Јас и нив би ги намалил зашто тие не си ги заслужуваат и тие плати што ги земаат – рече Мицкоски.
Тој рече дека Владата решила да направи компаративна анализа за тоа колкави се платите на судиите и на јавните обвинители во 5 европски земји. Министерството за финансии до крајот на септември треба да направи извештај за висината на овие плати во Германија, Хрватска и во уште три земји. Според сегашните сознанија, во Германија, на пример, платите во овие професии се многу помали од тоа што се очекува да бидат кај нас.
Во Законот за јавни обвинители, на пример, е наведено дека Македонија треба да испрати претставник во Агенцијата на Европската Унија за соработка во кривичната правда (Eurojust), а неговата плата ја одредува јавниот обвинител согласно правилник. Владата зазела став овој претставник да има статус на дипломат и неговите примања да бидат во рангот на трет човек на македонската амбасада во Брисел. И за ова прашање ќе се прави анализа како е решено во 5 европски земји.
Министерот за европски прашања и главен преговарач со Европската Унија, Орхан Муртезани, на брифингот информира дека Владата зазела став сите законски усогласувања што ќе ги прави прво да ги испрати на консултација во Европската комисија, а потоа да ги пушти во собраниска процедура за да не се дојде во ситуација законите да треба да се менуваат веднаш штом ќе се изгласаат. Тоа, како што рече Муртезани, може да го оддолжи процесот за донесување на законот, но кога ќе биде готов ќе се знае дека законот е усогласен со европската регулатива.
– Иако сега сме зад Црна Гора и зад Албанија, голема е веројатноста да бидеме најдобри во имплементацијата на Планот за раст. Досега имаме 40% на реформи и 50% искористеност на средствата. Вкупната сума изнесува 8 милиони евра – рече Муртезани.
Усогласувањето на законите ќе помогне кога ќе почне отворањето на поглавјата процесот за преговори со ЕУ да оди побрзо.
– Си рековме, ние да ја завршиме нашата домашна задача и да бидеме спремни, да останат само политичките прашања – рече Мицкоски и додаде дека очекува после Нова година да има акција од друг центар на моќ во однос на дијалогот со Бугарија.
Во рамки на препораките од Европската комисија ќе се прави и Регистар на трговски друштва во кои државата има каква било сопственост – малцинска или мнозинска.