Македонија и ЕУ го одржаа првиот Дијалог за безбедност и одбрана

Lorita
By Lorita 2 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!
- Advertisement -
Ad image

Во рамки на официјалната посета на високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, денеска во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија се одржа Првиот дијалог за безбедност и одбрана меѓу Европската Унија и Република Македонија.

Дијалогот е дел од Партнерството за безбедност и одбрана, потпишано во ноември 2024 година, и означува почеток на редовни политички и експертски консултации меѓу Скопје и Брисел.

Состанокот го отворија министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и високата претставничка Каја Калас, а свое обраќање имаше и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Министерот Муцунски нагласи дека државата останува целосно усогласена со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ:

– Нашата 100-процентна усогласеност не е само техничка обврска, туку јасен одраз на нашата стратешка ориентација и споделени вредности. Го поддржуваме мирот во Европа и ја продолжуваме севкупната поддршка за Украина – вклучително и во воениот и одбранбениот аспект – изјави Муцунски.

Министерот за одбрана Владо Мисајловски ја истакна поддршката на ЕУ и заложбата на Македонија за одржување на стабилноста во регионот.

– Во моментов имаме најголем буџет за одбрана досега. Над 30 отсто од него се наменети за модернизација на Армијата – што директно влијае на развојот на нашите одбранбени капацитети – посочи Мисајловски.

На состанокот се разговараше и за актуелните безбедносни предизвици – со акцент на регионалната стабилност, војната во Украина, справувањето со хибридни и сајбер закани, борбата против дезинформации и улогата на жените во безбедносните процеси.

Македонската страна го изрази интересот за продлабочување на одбранбената соработка со ЕУ преку Европската агенција за одбрана (EDA), Постојаната структурална соработка (PESCO), како и преку идната Бела книга за европска одбрана.

- Advertisement -
Ad image

Македонија, како земја членка на НАТО, има клучна улога во зајакнувањето на европската безбедносна архитектура, беше заклучено на првиот дијалог, кој ќе прерасне во редовен механизам за соработка во интерес на мирот, стабилноста и безбедноста на граѓаните.

Share This Article