Локалните избори 2025 се одвиваат во мирна, фер и демократска атмосфера на територијата на целата држава, соопшто Министерството за внатрешни работи.
МВР презема мерки и активности во рамки на своите надлежности со цел непречено и безбедно спроведување на изборниот процес. Досега не се регистрирани посериозни нарушувања на јавниот ред и мир, рече портпаролот на МВР, Гоце Андреевски.
– Во 9 часот на улицата Дабничка во Прилеп, полициски службеници од ОВР Прилеп, во врска со кривично дело Поткуп при избори и гласање, ги лишија од слобода Б.Х.(72) и Д.С.(36), двајцата од Крушево. Во врска со истиот настан, во Полициската станица Прилеп повикани се С.А.(28), М.А.(31), Ш.А.(40), Д.А.(22) и Џ.А.(36) од Крушево, со престој во Прилеп. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава – рече Андреевски.
Регистрирани се неколку пријави за агитирање при гласање на повеќе места, додаде тој, но по преземени мерки до овој момент не се потврдени наводите од пријавите.
– МВР апелира до сите граѓани и до политичките партии, да придонесат за мирна и демократска атмосфера. Доколку има какво било нарушување на изборниот процес граѓаните да пријават во најблиската полициска станица или на телефонските броеви 192 или 112 – рече портпаролот на МВР.