Поранешниот министер за правда и висок функционер на Алијанса за Албанците, Кренар Лога, објави дека се повлекува од партискиот живот и од сите позиции што ги извршувал во партијата. Одлуката ја соопшти преку неговиот официјален Фејсбук профил, наведувајќи дека се работи за „тежок, но зрел чекор“.
Лога изјави дека на одлуката ѝ претходела „долга анализа и рефлексија“, додавајќи дека партиската работа во последната деценија ја вршел со максимална посветеност.
– Ова не е лесна одлука за мене затоа што во текот на целиот пат ја вложив својата енергија, срце и душа, па дури и повеќе од тоа. Запознав искрени луѓе, верни соработници и пријатели со кои поминавме битки што оставија трага врз сите нас – порача Лога.
Во објавата, Лога се осврна и на критиките и судирите што ги имал низ годините, истакнувајќи дека секогаш ги изнесувал своите ставови без калкулации.
– Доколку некој се почувствувал повреден од мојот збор или однесување, искрено се извинувам. Но секогаш сум ја кажувал вистината, дури и кога тоа не беше популарно – вели тој.
Како генерален секретар, а потоа и потпретседател на Алијанса за Албанците, Лога ја нагласи благодарноста кон членовите, активистите и гласачите кои му ја дале довербата во изминатите години.
Посебно се осврна на неговото семејно и политичко наследство, нагласувајќи дека е израснат во средина која се борела против неправдите на југословенскиот режим.
– Воспитан сум со духот на национална преродба и патриотизам, дух кој секогаш ќе ме поддржува, без оглед на тоа што ќе ми го понуди животот – истакна Лога.
На крајот од пораката, тој им порача на граѓаните дека иако се повлекува од партиската структура, ќе продолжи да делува, но како независен глас.
– Ќе останам меѓу вас, но како солист, можеби потешко, но со слободен дух и љубов кон луѓето – вели Лога.




























