Актуелниот шампион на Англија, Ливерпул, го одврза ќесето во летниот преоден рок, трошeјќи околу 300 милиони евра за нови играчи, а пазарот за нив сè уште не е затворен.
Во „Енфилд“ пристигнаа Флоријан Вирц и Џереми Фримпонг од Баер Леверкузен, Уго Екитике од Ајнтрахт Франкфурт, Милош Керкез од Бормут и младиот голман Армин Печи од Пушкаш (Унгарија).
Но Ливерпул не планира да застане тука. Клубот е во активни преговори за англискиот репрезентативен дефанзивец Марк Геи (Кристал Палас), младиот стопер Џовани Леони (Парма) и напаѓачот на Њукасл, Александар Исак, кој веќе изрази желба за трансфер и не тренира со својот сегашен тим.
Од друга страна, „црвените“ се разделија со седуммина играчи, носејќи околу 200 милиони евра во клупската каса. Најголемите трансфери се оние на Луис Диаз во Баерн Минхен и Дарвин Нуњез во Ал Хилал.
Новата сезона во Премиер лигата Ливерпул ќе ја отвори на домашен терен против Бормут, во петок на 15 август.