Авион со два мотора се урна кратко по полетувањето во венецуелската држава Тачира. Две лица загинаа, а две се повредени.
Лесен приватен авион со два мотора се преврте и се урна во земјата во венецуелската држава Тачира, нешто повеќе од 640 километри југозападно од главниот град Каракас, во среда наутро кратко по полетувањето, објави SkyNews.
Авионот од моделот Cheyenne I прво забрза по пистата на аеродромот Парамило во градот Сан Кристобал, но одеднаш нагло се навали настрана кога тркалата се оддалечија од земјата, а пилотот не можеше да ја врати контролата.
Авионот речиси целосно се преврте на грб и ја удри земјата со носот.
Пожарот што избувна по ударот беше толку интензивен што ги отежна спасувачките напори.
Двајца патници загинаа во несреќата, а двајца беа повредени, според венецуелскиот медиум „Ел Национал“.
Според првичните информации што ги цитираа венецуелските медиуми, пилотот ја изгубил контролата врз авионот поради експлозија на гума. Официјалната причина за падот сè уште не е позната; во тековната истрага, властите се обидуваат да утврдат дали станува збор за механички дефект, човечка грешка или надворешни фактори како што се условите на пистата или временските услови.
Авионот наводно бил поврзан со логистичките активности на венецуелската влада, објави „Скајњуз“.



























