Лазар Ристовски, годинешниот лауреат на наградата „Мето Јовановски“ што ја доделува Фестивалот на балкански и медитерански филм „Преку езерото“ денеска на прес конференција изрази благодарност за високотo признание и жалење што никогаш не работел на проект заедно со Мето Јовановски чие име ја носи наградата.
Има мариовски корени
– Роден сум во Војводина, татко ми е од Мариово. Оваа награда е и голема и значајна бидејќи носи име на еден голем актер, Мето Јовановски кого го познавав, со кого бев пријател, но никогаш не сум играл со него во ист проект. И жалам поради тоа. Почестен сум и среќен сум што сум во Македонија на овој мошне интересен и оригинално конципиран фестивал „Преку езерото“ – рече лауреатот.
Тој истакна дека секогаш го интересирал самиот процес на работа каде секогаш давал сѐ од себе.
– Кога ќе дојде премиера, црвен килим…, тука не се чувствувам пријатно и не се оптоварувам со тоа. Кога бев помлад – да, но како што поминував сѐ повеќе време во оваа работа, а еве веќе 50 години работам како актер, режисер и продуцет, сѐ она што доаѓа потоа, не ме интересира – рече Ристовски.
Актерството е понирање во себе
Тој вели дека во овие 50 години глумата била негов живот.
– Актерството е многу тешка професија, бидејќи наша алатка се нашето тело и нашата психа и разликата меѓу актерите се состои во тоа колку се храбри да ископаат во себе по својата психа. Оние кои се храбри да копаат подлабоко, пожестоко, тие се поголеми актери. Тоа не значи дека тоа ќе се види на нивните лица, некој глуми лесно, без оглед колку копал во себе и што сѐ нашол. На некои актерски имиња тоа се гледа во смисла на напор и грч, има актери кои се потат, има некои кои лесно минуваат низ тоа… Јас сум некаде помеѓу – не се потев премногу, но доживував тежок процес. Во последно време малку глумам, но и немав некои понуди кои би ме мотивирале. Имав среќа да работам со некои што се светска елита и во театар и на филм, така што таквите актерски предизвици ги поминав, бидејќи актерот глуми најмногу за режисерот, тој му е огледало додека ја работи својата работа и во театар додека траат пробите, актерот со едно око гледа во режисерот како реагира – раскажа Ристовски.
Не сака да соли памет
Тој за прв пат во животот ќе одржи мастерклас токму на фестивалот „Преку езерото“ во Дојран.
– Никогаш не сум сакал никому да му солам памет или да држам предавања и затоа никогаш не сакав да бидам професор по глума. Јас како ученик и во основно и во средно училиште и на факултет никогаш целосно не им верував на професорите. Секогаш наоѓав некое поинакво мислење, секогаш бев критичен и често поради тоа ме бркаа од часовите. И сега јас како таков, некому да давам памет, не ми одеше и затоа не се занимавав со педагошка работа – рече Ристовски.
Играл во повеќе од 70 филмови
Лазар Ристовски има одиграно повеќе од 70 улоги на филм и на телевизија, во сите жанрови, на сите јазици во поранешна СФРЈ.
– Играше на српски, играше на англиски, на француски, на германски, a во филмот „Бело одело“, иако сите знаеме дека пишува „Не нагињи се кроз прозор“, тој висеше од надворешната страна на возот во движење сѐ додека на сто јазици не кажа „Те сакам“! Во Македонија играше на македонски во филмовите „Јазол“ и „Збогум на дваесетиот век“. Но, она што е поважно е дека Лазар Ристовски во сите свои карактери играше со јазикот на љубовта, играше на јазикот на среќата, играше на јазикот на тагата, играше на јазикот на надежта, за сите разбирлив како универзален јазик на уметноста на филмот. Му благодрам на мајсторот на филмот Лазар Ристовски кој со своето актерско, но и човечко достигнување покажа како се создава свет на идеали. Нека му е честита наградата „Мето Јовановски“ за високо актерско достигнување во уметноста на филмот – рече на денешната прес конференција Јани Бојаџи, директорот на Фестивалот „Преку езерото“.