Шеесет и едногодишен жител на Куманово се соочува со кривична пријава откако, според информациите од Министерството за внатрешни работи, приложил фалсификувана диплома со цел да се вработи во јавно претпријатие.
Како што информираа од МВР, СВР Куманово поднело кривична пријава против лицето М.Ј. (61) од Куманово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување исправа“.
– Во текот на 2023 година, пријавениот набавил фалсификувана диплома од средно училиште од Скопје и ја употребил при аплицирање на отворен јавен оглас во јавно претпријатие во Куманово – информираат од Министерството за внатрешни работи.
Случајот е пријавен во надлежното Јавно обвинителство, а против М.Ј. ќе се води постапка за утврдување на вината.