Министерството за здравство соопшти дека монтажата и инсталацијата на новиот систем за компримиран воздух на комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје е целосно завршена. Новиот систем ќе обезбеди континуирано и сигурно снабдување со компримиран воздух, кој е неопходен за функционирањето на оперативните сали и други медицински установи во болничкиот комплекс.
Системот вклучува три современи компресори со придружна опрема, како резервоари, сепаратори, автоматски одвојувачи на кондензат, и специјализирани уреди за отстранување на влага и масло. Дополнително, заменет е и поставен бакарен цевен развод со приклучни места и разводни ормани, кои ги снабдуваат 12 оперативни сали и уште две сали на Клиниката за пластична хирургија. Овие интервенции се извршени според европската директива 93/42/EEC и европската фармакопеја.
„Системот моментално е во фаза на пробна работа, по што Министерството за здравство ќе одреди термин за краткотраен прекин на снабдувањето со компримиран воздух, за целосно поврзување на останатите корисници“, информираат од министерството.
Министерот за здравство, Арбен Таравари на својот фејсбук профил објави дека новиот систем за компромитиран воздух е поставен на Клинички.
– Со ова го подигнуваме стандардот за медицинските услуги во Клиничкиот центар. Новиот систем за компримиран воздух обезбедува висока ефикасност, сигурност и квалитет, што е од суштинско значење за операциите и лекувањето на пациентите. Посветени сме на модернизацијата на здравствените установи и ова е само еден од чекорите во таа насока – вели Таравари.
За потсетување во мај, операционите сали на Клинички центар беа затворени поради непријатна миризба. За итни интервенции, пациентите се упатуваа во Универзитетската клиника за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ и во Градската општа болница „8 Септември”. Компресорската станица, изградена пред околу 33 години, требалo да биде променета уште пред три години. Неработењето на оперативниот блок се сметаше за тежок удар врз Клиничкиот центар како столб на здравството.