Европската комисија погреши кога одби да ги објави текстуалните пораки разменети меѓу претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, и извршниот директор на „Фајзер“, Алберт Бурла, за време на врвот на пандемијата на коронавирусот, пресуди Општиот суд на Европската унија, објави „Политико“.
Ова се пораки разменети пред потпишувањето на договор за вакцини вреден милијарда евра меѓу ЕУ и фармацевтскиот гигант Фајзер. Оваа пресуда би можела да има сериозни последици врз транспарентноста на институциите на ЕУ и е удар врз кредибилитетот на претседателот на Комисијата.
„Комисијата не даде веродостојни објаснувања“
Судот во своето образложение наведе дека Европската комисија не успеала убедливо да објасни зошто сметала дека текстуалните пораки разменети за време на преговорите за набавка на вакцини против КОВИД-19 не содржеле информации од јавно значење.
Постоењето на пораките за прв пат беше откриено во интервју што фон дер Лајен го даде за „Њујорк тајмс“ во 2021 година. Сепак, Европската комисија за време на сослушувањето во Луксембург минатата година тврдеше дека содржината на овие пораки не е доволно важна за да се сметаат за официјални документи и затоа тие не се архивирани ниту ставени на располагање на новинарите.
„Комисијата не може едноставно да тврди дека ги нема бараните документи, туку мора да даде веродостојни објаснувања што ќе им овозможат на јавноста и на Судот да разберат зошто овие документи не се достапни“, се вели во соопштението на судот.