Background

КОЛКУ МИЛИОНИ ЌЕ СТОПИ ЗАКОНОТ ЗА ЗАШТИТА ОД ПУШЕЊЕ?

Во услови на светска енергетска криза, која се очекува да го намали економскиот раст и да ја покачи инфлацијата во земјава, властите се на пат да се откажат од десетици милиони евра приход во државниот буџет. Колкава дупка може да предизвика најавуваниот Закон за заштита од пушење?

Очекуваниот пад на продажбата на цигарите, забраната за продажба на најголемиот дел од алтернативните никотински производи, но и забраната за изложување ќе тежи милиони евра, но ќе направи и потрес во повеќе гранки. Државата во практика ќе се откаже од акцизите за овие производи, како и од наплата на ДДВ. Според податоците, околу 400 милиони евра се слеале во касата само за минатата 2025 година по овие основи. Околу 275 милиони евра биле собрани од акцизи, приближно 60 милиони евра од данок и десетици милиони евра поради останатите активности на компаниите од тутунската индустрија.

Надлежните органи немаат конкретен одговор како Законот ќе се одрази врз приходната страна на буџетот. Во првичната верзија на текстот кој беше објавен на ЕНЕР, дури и пишуваше дека Законот нема да има финансиски импликации врз буџетот, и покрај фактот дека високи суми ќе останат ненаплатени и дополнително се очекува силно да бидат погодени повеќе индустриски гранки и да има отпуштање на вработени. Дел од бизнисите веќе реагираа дека нивните забелешки не биле земени предвид. Министерот за здравство Азир Алиу, во последната изјава, го избегна одговорот на новинарското прашање за финансиските импликации и единствено кажа дека Законот наскоро ќе се разгледува на владина седница.

- Advertisement -
Ad image

– Ние цело време се синхронизираме и имаме координација со сите владини и невладини институции и со бизнис заедницата. Веќе законот е при крај – рече Алиу.

Ударот по буџетот од Законот за заштита од пушење доаѓа во период кога власта веќе ги намали акцизите за бензинот и дизелот, поради воените активности на Блискиот Исток. Владата претходно со мерка го намали и данокот за овие горива, со што се откажа од прилив од десетици милиони евра. Случувањата ќе влијаат и на економскиот раст, кој властите го проектираа на 3,7%. Според последната анализа, ММФ очекува шокот од цените на енергијата, кој произлегува од конфликтот на Блискиот Исток, да влијае врз растот и да ја забави економската активност и да ја задржи инфлацијата на повисоко ниво подолго време. Фондот проектира реалниот раст на БДП да забави на 3,1 процент во 2026 година. Покрај тоа, буџетот оваа година го очекуваат и враќање на рати од кредити во износ од 2,5 милијарди евра. Од друга страна, буџетскиот дефицит е проектиран на 3,5% или околу 650 милиони евра, но е веројатно да биде корегиран во нагорна неповолна линија со предвидениот ребаланс на буџетот.

Додека траат неизвесностите на глобално ниво, кои секако лошо ќе се одразат дома, власта со најавениот Закон ризикува до 10% приход годишно само по основ на акцизи од тутунски и сродни производи. Од цената на една кутија цигари, дури 73% се средства кои завршуваат директно во државната каса. Во последните пет години, само од акцизи, државата наплатила една милијарда и 122 милиони евра.

Но, заканите по буџетот и економската активност се уште поголеми ако се земат предвид индиректните последици, како што се стравувањата за отпуштање на работници. Рестриктивните мерки значително ќе се одразат врз тутунската индустрија, но и врз малите трговци и угостителите. Во угостителската дејност работат над 30.000 лица. Коментирајќи го актуелното законско решение од 2010 година и ова што се најавува сега, претставници на Туристичко-угостителската комора оценија дека отпуштања ќе има. Од Сојузот на стопански комори претходно веќе апелираа да не се брза со спроведувањето на законот, бидејќи очекуваат силен потрес по буџетот.

– Огромен број од колегите отпуштаа вработени и претрпеа огромни економски последици. Сега, очекуваме во помал обем да биде тоа – истакна Перица Голомеиќ од ТУК во телевизиско гостување.

Со маки се соочуваат и малите трговци, кои освен што ќе го намалат асортиманот на производи ќе треба и да го преуредуваат просторот. Сопствениците на трафики, киосци и мали продавници велат дека се загрозени 4.000 малопродажни објекти, а голем дел од нив се семејни бизниси.

„Предложените измени не носат суштински промени и оставаат илјадници семејни бизниси пред ризик од затворање… Уште при објавувањето на првичната верзија на законското решение укажавме дека дел од мерките ќе предизвикаат големи финансиски загуби, отпуштање вработени и затворање на дел од малопродажните објекти. Нашата економска одржливост директно зависи од продажбата на тутунски и сродни производи. Овие производи претставуваат клучен извор на приходи, особено поради долгорочните договори со добавувачите“, истакнаа малите трговци во реакцијата.

Дополнителен проблем ќе биде и веројатното зголемување на сивата економија. Примерите од останатите земји кои вовеле ваков закон, покажуваат дека ригорозните мерки го стимулираат црниот пазар. Односно, се зголемува присуството на шверцувани никотински производи. Тоа неминовно ќе доведе до раст на сивата економија која кај нас според проценките варира околу 30% и е секако во износ од над 700 милиони евра годишно. Легалниот пазар би можел да биде сериозно загрозен, а државата може да загуби десетици милиони евра поради ненаплатени давачки од акцизи, царини, ДДВ… Од Групацијата за производство на цигари и Здружението на производители на тутун при Стопанската комора на Македонија, неодамна соопштија дека новиот закон воведува несразмерни ограничувања кои го нарушуваат легалното работење на индустријата и создава сериозни последици што ќе се почувствуваат многу брзо.

„Предложените мерки не водат кон намалување на употребата на тутунски производи, туку поттикнуваат одлив кон сивата економија, која веќе достигнува 13–14% од пазарот, со неконтролирана продажба, небезбедни производи, прекугранично снабдување и сериозни загуби за буџетот. Нашите анализи укажуваат дека прекумерните рестрикции, во споредба со други примери, не ја намалуваат преваленцата на пушење, туку доведуваат до раст на нелегална трговија со тутунски и никотински производи и снабдување со производи од соседни држави со непроверен квалитет и доведување во ризик на здравјето на граѓаните од производи кои не ги поминуваат потребните проверки за безбедност и квалитет“, потенцираат од Групацијата.

Освен последиците по здравјето поради употреба на непроверени производи од црниот пазар, од Групацијата укажаа и на сериозен пад на буџетските приходи, на сметка на раст на нелегалната трговија и нарушување на целиот синџир на вредност. Тие потсетуваат дека тутунскиот сектор претставува значајна економска гранка која опфаќа земјоделство, откуп, преработка, индустриско производство, извоз, хотелско-ресторантска дејност, логистика и над 5.000 малопродажни објекти.

ЗА НАС

ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.

© 2025 OhridSky. Сите права задржани.

Login to enjoy full advantages

Please login or subscribe to continue.

Go Premium!

Enjoy the full advantage of the premium access.

Stop following

Unfollow Cancel

Cancel subscription

Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.

Go back Confirm cancellation