Лидерите на Франција, Велика Британија, Германија и на Италија вчера телефонски разговарале со претседателот на САД, Доналд Трамп, во пресрет на неговиот денешен разговор со претседателот на Русија, Владимир Путин, во обид да се стави крај на конфликтот во Украина, соопшти британската влада.
Шефовите на држави и влади „разговарале за ситуацијата во Украина и за катастрофалната цена на војната за двете страни“, изјави неименуван портпарол на премиерот на Велика Британија, Кир Стармер.
– Пред разговорот на претседателот Трамп со претседателот Путин, лидерите дискутираа за потребата од безусловен прекин на огнот и за потребата претседателот Путин сериозно да ги сфати мировните преговори – додаде тој.
Санкции за Русија ако сериозно не се вклучи во преговорите?
По разговорите меѓу Киев и Москва во Истанбул, во петокот, шефовите на држави и влади „исто така разговараа за употреба на санкции доколку Русија сериозно не се вклучи во прекин на огнот и мировни преговори“, наведе британската влада.
„Претседателот Путин утре треба да докаже дека навистина сака мир и да го прифати безусловниот 30-дневен прекин на огнот, предложен од претседателот Трамп, а поддржан од Украина и Европа“ напиша францускиот претседател Емануел Макрон на социјалната платформа Икс.
Направени се мали чекори напред
– Европејците и Американците се одлучни заедно да работат на насочен начин за брзо завршување на оваа страшна војна – рече германскиот канцелар Фридрих Мерц вчера по првата миса на поглаварот на Римокатоличката црква, папата Лав 14.
Мерц додаде дека се направени „некои мали чекори напред во последните денови бидејќи завојуваните страни разговараат една со друга“. Германскиот канцелар го изјави тоа 2 дена по првите разговори од пролетта 2022 година, кои не резултираа со примирје.
Францускиот, британскиот и германскиот лидер веќе разговараа во петокот со Трамп, како и со премиерот на Полска, Доналд Туск.
Во меѓувреме, украинскиот претседател Володимир Зеленски во неделата во Рим разговараше со потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс, „околу половина час“ по средбата со папата.