Наоружани лица со зелени траки наредиле осуммина мажи со врзани раце и пред погледот на толпата ги стрелале среде главниот плоштад во градот Газа. Толпата извикувала „Аллаху Акбар“, додека камерите снимале, јави Би-Би-Си.
Меѓутоа, потеклото на стрелците сè уште не е дефинитивно потврдено. Би-Би-Си информира дека не можеле со сигурност да ги идентификуваат маскираните мажи.
Притоа, новата анализа на Би-Би-Си користела визуелни елементи од видеото и географска споредба за да го потврди местото: главниот плоштад во градот Газа.
Ројтерс пишува дека снимката од егзекуцијата се појавила во ист ден кога групаа Хамас пуштила неколку заложници како обид да покаже сила. Порталот наведува дека „маскирани борци, вооружени со автомати, стрелале во притворениците пред насобрана толпа што извикувала верски пароли“.
Веста за погубувањата доаѓа во време кога беше потпишан Договорот за прекин на огнот во Газа во Шарм ел Шеик во Египет.
Немирите во Газа не стивнуваат. Во последниве денови, избувнале жестоки судири меѓу Хамас и други вооружени семејства, особено кланот Дугмуш. Десетици луѓе биле убиени во престрелки за доминација врз територии, тврди Би-Би-Си.
Член на групата Хамас преку Фејсбук ги осудил убиствата како криминален чин. Групата и претходно била обвинуван за улични егзекуции, често осудувани од организациите за човекови права и светски лидери.
Од друга страна, Хамас тврди дека убиените прикажани на снимката биле „криминалци и соработници на Израел“.
Во вторникот, 14 октомври, Израел изјави дека нема да ја отвори границата со Египет кај Рафа додека не бидат доставени телата на сите починати заложници според договорот кој беше потпишан во Шарм Ел Шеик во присуство на триесетина светски лидери.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека работата во Газа не е завршена, бидејќи телата на починатите заложници не се вратени како што беше ветено. Трамп на социјалните мрежи објави дека почнува „втората фаза“ од договорот.
Рокот во договорот важи и за телата, пишува „Тајмс оф Израел“, но се чини дека на Хамас му треба повеќе време за да ги лоцира, па затоа е формирана заедничка работна група која ќе помогне во пронаоѓањето на телата што не се вратени во рок од 72 часа.