Топ Вести - Слушај сега
Документите од Министерството за правда на САД откриваат дека уште во 2016 година, францускиот моден агент Жан-Лук Брунел, долгогодишен соработник на Џефри Епстин, бил подготвен да соработува со американските власти и да обезбеди информации за мрежа на сексуална трговија со малолетници, но преговорите ненадејно прекинале.
Според меморандуми на федералните обвинители од февруари 2016 година, адвокатот на Брунел изјавил дека неговиот клиент „регрутирал девојки за Епстин“ и дека имал инкриминирачки фотографии. Во истите белешки се наведува дека Брунел „сакал да соработува“ и дека „се плашел од кривично гонење“. Разгледана е и можноста тој да се појави во канцеларијата на американскиот обвинител во Њујорк и да сведочи во замена за имунитет.
Во преговорите биле вклучени и адвокатите на жртвите, а според нивните изјави, Брунел бил подготвен да даде детали за начинот на кој девојките биле регрутирани и да ги именува лицата вклучени во операцијата. Но, преговорите завршиле ненадејно, објави „Волстрит џурнал“.
Документите покажуваат дека Ептин дознал за контактите меѓу Брунел и обвинителите. Во еден е-мејл испратен до адвокат со кого редовно комуницирал, тој навел дека Брунел планира да оди во обвинителството и споменал барање од 3 милиони долари за да се откаже од соработката. Во истата комуникација, тој го довел во прашање кредибилитетот на адвокатот на Брунел и неговите соработници.
После тоа, Брунел ги прекинал преговорите и повеќе не соработувал со американските власти. Според подоцнежно поднесување во 2021 година, обвинителката која ги зела белешките рекла дека ги информирала колегите од државното обвинителство и ФБИ за состанокот, но во тоа време не била отворена формална истрага.
Епстин останал на слобода уште три години, до јули 2019 година, кога повторно бил уапсен под обвинение за сексуална трговија со малолетници. Во август истата година, тој бил пронајден мртов во затворска ќелија во Њујорк, а смртта официјално била прогласена за самоубиство.
Брунел бил важна фигура во кругот на Епстин со години. Како основач на модна агенција, тој учествувал во доведување млади жени од Европа и Русија во Соединетите Држави и им обезбедувал работни визи и сместување. Според документите, агенцијата служела и како параван за регрутирање девојки.
Француските власти го уапсиле Брунел кон крајот на 2020 година под обвинение за силување и трговија со малолетници. Во февруари 2022 година, тој бил пронајден обесен во затворска ќелија во Париз. А неговата смрт била окарактеризирана како самоубиство.
Новообјавените документи го поставуваат прашањето дали 2016 година била пропуштена можност порано да се разоткрие и запре мрежата на Епстин. Адвокатите на жртвите тврдат дека сведочењето на Брунел би можело значително да ја забрза постапката и да спречи нови злоупотреби кои, според нив, продолжиле во годините што следеле.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
