Кина почна со големи воени вежби околу Тајван Кина денеска ја започна една од најголемите воени вежби во регионот во изминатата година во близина на Тајван. Тајван ги активираше своите авиони, бродови и проектили како одговор.
Кина во изминатиот ден испрати неколку воени бродови кон Тајван. Од утрово таму се распоредени 19 воени бродови, вклучително и групата носач на авиони Шандонг, соопшти тајванското Министерство за одбрана, пренесе АФП. Ова е најмногу од мај минатата година, кога околу островот беа забележани 27 кинески воени бродови.
„Вежбите вклучуваат тестови на патроли за борбена готовност на море и во воздух, (…) напади врз поморски и копнени цели и блокади на клучни области и поморски патишта“, рече полковник Ши Ји, портпарол на Источната команда на кинеската војска.
Целта на вежбите е да се „испрати строго предупредување за одвраќање до сепаратистите во Тајван“, соопшти Пекинг.
Тензиите во тајванскиот теснец широк околу 180 километри, кој го дели островот од континентална Кина, се зголемуваат од мај минатата година, кога беше избран тајванскиот претседател Лаи Чинг-те и зазеде построг став кон Кина од неговиот претходник Цаи Инг-вен.
Лаи минатиот месец ја нарече Кина „непријателска странска сила“ и предложи мерки за борба против кинеската шпионажа и инфилтрација.
Тајван, брод Тајвански брод (Фото: PROFIMEIDA) Кина редовно спроведува воени вежби околу Тајван, а денешните вежби следуваат по неделната посета на Јапонија на американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет, кој увери дека САД ќе обезбедат „веродостојно одвраќање“ низ Тајванскиот теснец.
Пекинг инсистира на својот став дека Тајван е дел од кинеската територија и најави дека планира да ја преземе контролата врз островот, доколку е потребно и на сила.