Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) извести за артилериско гранатирање во близина на нуклеарната централа Запорожје, која е окупирана од Русија.
Тимот на МААЕ, кој е сместен во најголемата нуклеарна централа во Европа, слушнал пукање во областа. Црн чад се кревал од три блиски локации, соопштија инспекторите од нуклеарниот регулатор на Обединетите нации.
На тимот му било кажано дека повеќе гранати паднале на околу 400 метри од складиштето за дизел гориво надвор од централата.
– Иако немаше извештаи за жртви или штети на опрема, инцидентот уште еднаш ги истакна тековните закани за нуклеарната безбедност – рече генералниот директор на МААЕ, Рафаел Гроси.
На социјалните мрежи се појави непотврдена снимка од запалени камиони со гориво.
На страницата на Икс на руската амбасада во Нов Зеланд се вели дека Украинците ги гаѓаат складиштата со гориво во централата. Ова е непотврдена информација.
„Вреди да се напомене дека помошните објекти на електраната, вклучувајќи ги и складиштата за гориво, се структурно помалку заштитени во споредба со обвивките на реакторите“.
Во понеделникот, 15 септември, се појавија извештаи дека руските сили го освоиле селото Новоиванивка во Запорожје. Рускиот напредок во регионот значи присуство во централна Украина.
Во областа на нуклеарната централа Запорожје, која беше окупирана од Русија во март 2022 година, кратко по почетокот на војната, често се пријавува гранатирање, за што двете страни во конфликтот се обвинуваат меѓусебно.