Владата на денешната седница ја одобри информацијата на вицепремиерот задолжен за политики на добро управување, Арбен Фетаи, со која сите државни институции се обврзуваат да ја пријават државната сопственост со која управуваат.
Институциите се должни во рок од 30 дена да пополнат дигитален формулар, во кој ќе бидат евидентирани сите податоци за државниот недвижен имот во Македонија. Овие податоци ќе бидат управувани од Министерството за дигитална трансформација и ќе обезбедат јасен преглед на државниот недвижен имот во земјата, соопшти кабинетот на вицепремиерот Фетаи.
Врз основа на собраните податоци, се очекува да се создаде централен регистар за државен недвижен имот, кој ќе биде формализиран по усвојувањето на соодветниот закон. За изготвување на овој закон, кабинетот на Фетаи соопшти дека ќе ги искористи хрватските практики.
Целта на регистарот на државен имот е да го подобри управувањето и да спречи можни злоупотреби.