Background

Ќе ја извлечеме државата од мракот на партизацијата, порача Мицкоски

Нашиот пат кон Европската Унија е повеќе од хармонизација на закони – тоа е создавање институции кои работат по европски стандарди, порача премиерот Христијан Мицкоски на настанот по повод генеричките обуки за административни службеници, во организација на Министерството за јавна администрација.

– Денеска сме собрани со исклучително важна цел – да потврдиме дека реформите не се само зборови во програма, туку дела што се гледаат и чувствуваат. Нема модерна држава без модерна администрација. Нема напредна економија без функционален јавен сектор. Нема доверба во институциите без професионални, одговорни и мотивирани службеници. Кога велиме дека инвестицијата во административните службеници е инвестиција во иднината на јавниот сектор, тоа не е само слоган, тоа е нашата визија и обврска пред граѓаните – рече Мицкоски пред присутните.

Јавната администрација, нагласи премиерот, е темелот на државата.

- Advertisement -
Ad image

– Таа сте вие – луѓето кои секојдневно го носат товарот на институциите. Вашата работа е лицето на државата, вашиот став е впечатокот кој граѓаните го добиваат за институциите – рече Мицкоски.

Овој прв циклус на генерички обуки, додаде, со 600 учесници од локално и од централно ниво, е јасен сигнал дека оваа Влада не се плаши од промените, туку ги носи.

– Обезбедивме врвни меѓународни обучувачи, современи програми и методологии кои не само што го пренесуваат знаењето, туку ја менуваат и културата на работењето – рече Мицкоски.

До неодам,а нагласи премиерот, јавната администрација беше сведена на политички плен.

– Наместо развој – партизација. Наместо мотивација – страв и реваншизам. Наместо обука – клиентелизам. Претходната влада ја остави администрацијата демотивирана, со нарушена доверба, со луѓе кои се чувствуваа оставени на цедило. Чекавме со години за нормални системи за обука, а резултатите беа стагнација и загубени генерации на службеници, кои немаа пристап до современи знаења – рече Мицкоски.

Тоа време заврши, потенцира тој.

– Денес јавно кажуваме: јавната администрација нема повеќе да биде партиски плен. Ќе биде професионална, ефикасна и ќе работи за граѓаните – додаде премиерот.

Нагласи дека Естонија покажала дека малите земји можат да бидат големи по иновациите, а  Словенија покажала дека администрацијата може да биде мотор на реформите.

– Тоа се приказни кои почнале како што ние почнуваме денес – со луѓе кои решиле да се обучуваат, да се менуваат и да ја менуваат својата земја. Нашиот пат кон Европската Унија е повеќе од хармонизација на закони, тоа е создавање институции кои работат по европски стандарди. Овие обуки се доказ дека не чекаме да ни биде кажано што да правиме. Ние сме генерацијата што ја презема иницијативата и сака да ја донесе Европа дома преку современ јавен сектор – рече премиерот.

Мицкоски упати апел до министрите и градоначалниците.

– Ве повикувам сите министри, директори и градоначалници: продолжете да ги поддржувате ваквите програми. Осигурете се дека секој вработен во вашите институции ќе има пристап до обука, менторство и до можност за професионален развој. Ова не е трошок, ова е најпрофитабилната инвестиција за државата – потенцираше премиерот.

Тој нагласи дека ова е само почеток.

– Верувам дека секој од вас ќе биде амбасадор на промената во својата институција. Ќе ја понесете оваа енергија и ќе ја претворите во резултати што граѓаните ќе ги почувствуваат – истакна Мицкоски.

Рече дека времето на нашата држава е сега.

– Ние сме генерацијата која мора да ја извлече државата од мракот на партизацијата и да ја однесе во светлината на европската иднина. Ве повикувам – учете, прашувајте, дискутирајте. Бидете храбри да воведувате нови практики. Бидете тие кои ќе ја остават администрацијата поефикасна, почесна и посилна од кога било. Заедно ќе создадеме јавен сектор кој нема да биде само апарат на државата, туку двигател на развојот, партнер на граѓаните и гарант на европската иднина на татковината – подвлече премиерот Мицкоски.

ЗА НАС

ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.

© 2025 OhridSky. Сите права задржани.

Login to enjoy full advantages

Please login or subscribe to continue.

Go Premium!

Enjoy the full advantage of the premium access.

Stop following

Unfollow Cancel

Cancel subscription

Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.

Go back Confirm cancellation