Специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф, денеска пристигна во Москва, објавија руските медиуми.
Виткоф беше пречекан на аеродромот Внуково од специјалниот претставник на рускиот претседател Владимир Путин за економска соработка со други земји, Кирил Дмитриев.
Американскиот претседател Доналд Трамп вчера потврди дека средба меѓу САД и Русија е закажана за подоцна денеска.
-Утре имаме средба со Русија – изјави Трамп синоќа пред новинарите, додавајќи: „Ќе видиме што ќе се случи“.
Средбата е закажана само неколку дена пред да истече рокот што американскиот претседател му го даде на својот руски колега Владимир Путин за постигнување договор за прекин на огнот со Украина.
Трамп не даде дополнителни детали, вклучително и кој ќе присуствува на состанокот.
Трамп се закани дека ќе воведе санкции, ако нема резултат до крајниот рок.
Мерките ќе бидат насочени кон земјите што купуваат руска нафта и гас за да се ограничи можноста на Москва да ја финансира својата војна во Украина.
Во понеделникот, Трамп веќе ја објави својата намера да ги зголеми царините за Индија за нејзината континуирана трговија со Москва, без да ја прецизира конкретната царинска стапка.
Руски извори за агенциите изјавија дека Путин е скептичен дека новите американски санкции ќе имаат големо влијание по последователните бранови економски казни за време на три и полгодишната војна.
Не е познато со кого ќе се сретне Виткоф во Москва.