Американскиот монетарен завод го објави дизајнот на спомен-монета од 1 долар посветена на покојниот коосновач и извршен директор на Епл, Стив Џобс.
На монетата е прикажан Џобс на млади години, седнат со прекрстени нозе пред пејзаж на северна Калифорнија – ридест предел со дрвја, и, се разбира, со својот препознатлив имиџ – црна ролка. На неа стои и натписот „Make something wonderful“, („Направи нешто чудесно“) цитат од 2007 година што неговото семејство го смета за суштина на неговиот светоглед и наследство.
Спомен-монетата ќе чини 13,25 долари, а ќе биде достапна во 2026 година.
Ова е дел од националната програма „American Innovation“, започната во 2018 година, со која секоја сојузна држава може да избере своја значајна личност или изум. Калифорнија го избра Џобс, а Висконсин, суперкомпјутерот Креј-1 од 1970 година.
Гувернерот на Калифорнија, Гавин Њусом, при номинацијата изјави дека Џобс „го отелотворува уникатниот дух на иновативноста, на кој се темели Калифорнија“.
Стив Џобс е роден во 1955 година во Сан Франциско и е посвоен од Пол и Клара Џобс. Рано покажал интерес за технологија и дизајн, а во средно училиште го запознал Стив Возниак, со кого во 1976 година ја основа Епл Компјутер.
Под негово водство, Епл создаде револуционерни производи, Мекинтош, Ајпод, Ајфон, Ајпад – што засекогаш го сменија начинот на кој луѓето комуницираат со помош на технологијата.
По кратко заминување од компанијата во 1980-тите, Џобс се врати во 1997 година и го предводеше растот на Епл во глобален технолошки гигант. Почина во 2011 година, оставајќи зад себе трајно влијание во светот на иновациите, дизајнот и претприемништвото.