Европската Унија се подготвува за нов, 19 пакет санкции против Русија, најави високата претставничка за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас. Таа порача дека е време да се стави крај на отстапките кон Москва, бидејќи, според неа, Русија и понатаму одбива целосен и безусловен прекин на огнот во Украина.
Во објава на платформата Х, Калас истакна дека министрите за надворешни работи на ЕУ денеска изразиле поддршка за чекорите на САД, кои имаат за цел постигнување праведен мир.
– Со оглед на тоа што во оваа фаза Русија не се согласи на целосен и безусловен прекин на огнот, не треба ни да разговараме за никакви отстапки – напиша Калас, додавајќи дека редоследот на потезите е клучен – прво прекин на огнот, засилен систем за следење и цврсти безбедносни гаранции, а потоа останатите чекори.
Таа потврди дека ЕУ веќе работи на подготовките за 19 пакет санкции. Последниот, осумнаесетти пакет, беше усвоен на 18 јули, откако повеќенеделната блокада од Словачка конечно беше надмината.