Топ Вести - Слушај сега
Директорката д-р Билјана Теговска на прес-конференција со целиот лекарски тим ги одби обвинувањата — д-р Манчевски: “За тој труд стојам јас, таа беше само специјализант во сала”
Центарот за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања од Охрид одржа прес-конференција на која директорката д-р Билјана Теговска, во присуство на целиот докторски персонал составен од еминентни кардиолози, излезе со официјален одговор на бројните прозивки, навреди и омаловажувања насочени кон болницата и нејзиниот кадар. Прес конференцијата се одржа во атмосфера на одлучност и институционална солидарност, со јасна порака дека болницата нема да дозволи нејзиниот углед — изграден со 44 години работа — да биде уривнат врз основа на еднострани и невистинити изјави.
Отворајќи ја прес-конференцијата, д-р Теговска нагласи дека болницата постои веќе 44 години и секогаш во медиумите е присутна како институција која промовира нови методи, техники и успешни приказни. Токму затоа, долго време молчеа и по повод случувањата со д-р Виолета Мојсоска Наумоска — сметајќи дека професионализмот и стручноста треба да бидат она по што луѓето ја препознаваат болницата.
“Меѓутоа, со цел јавноста да ја дознае вистината, денес излегуваме со официјално соопштение по однос на многубројните прозивки, навреди и омаловажувања” — изјави директор Билјана Тегоска.
Централно место на конференцијата зазеде прашањето за грантот доделен од EARCI — асоцијација на ESC (Европско здружение за кардиологија) — наменет за млади кардиолози до 40 години, кој предвидува едногодишен тренинг во болница во Италија.
Болницата потврди дека за доделениот грант на д-р Мојсоска Наумоска дознала исклучиво од социјалните мрежи и медиумите — истовремено со останатата јавност. Уште поважно, според правилата на давателот на грантот кои се јавно достапни, во прилог на апликацијата задолжително треба да се достави препорака од актуелниот раководител на одделот или актуелен ментор. Болницата тврди дека д-р Мојсоска Наумоска ниту ги побарала, ниту ги добиела овие задолжителни препораки.
Заради целосно разјаснување, болницата побарала дообјаснување од давателот на грантот. Во ниеден момент, спротивно на она што беше пренесено на сите портали, болницата не барала повлекување или откажување на грантот.
Болницата го достави и писмото испратено до претседателот на ESC, потпишано од д-р Теговска, во кое се бараат информации дали апликацијата барала согласност или препорака од институцијата. Во писмото е нагласено дека доделувањето на грантот без знаење на институцијата го поткопува кредибилитетот на медицинскиот персонал и етичките стандарди врз кои е заснована болницата.
На новинарско прашање на Редакцијата Охридска во врска со настапот на д-р Виолета Мојсоска Наумоска на конгресот во Дубаи во декември 2025 година со научен труд за кој болницата тврди дека е плагијат, одговор даде д-р Манчевски.
“За тој труд стојам јас и сум првиот кој вакво метод употребил во Македонија. Тогаш Виолета Мојсоска Наумоска беше специјализант и само присуствуваше во сала како специјализант” — изјави д-р Манчевски.
Д-р Манчевски додаде дека за ваквиот плагијат е покрената соодветна постапка пред Етичката комисија на болницата, а случајот е предаден и на надлежни органи. “За тоа допрва ќе известиме” — заклучи тој.
Болницата соопшти дека д-р Мојсоска Наумоска речиси три години не работи во Одделот за интервентна кардиологија, каде работела само шест месеци откако станала специјалист кардиолог. Истовремено, болницата потенцира дека за време на специјализацијата таа имала континуирана менторска поддршка и учество на бројни меѓународни стручни настани. Само во последната година, Управниот одбор одобрил учество на три меѓународни настани — во Салзбург, Хамбург и Дубаи.
Болницата соопшти дека досега не излегувала јавно со информации за судските постапки кои д-р Мојсоска Наумоска ги поведе против институцијата и поединци вработени во неа, но дека доследно постапувала по сите судски одлуки и превземала дополнителни мерки пред надлежни институции за заштита на своите интереси.
Болницата категорично ги демантира наводите за комуникација на овластеното лице со организаторите на конгресот во Дубаи. Потврди дека е поднесена претставка од искусен интервентен кардиолог (Др Манчевски) до Етичката комисија во врска со трудот презентиран на тој конгрес, а дека истата е предмет на натамошно разгледување кај надлежни органи.
Болницата упати апел до јавноста и претставниците на медиумите да се воздржат од дискредитации, осуди и омаловажувања кои биле многу чести и крајно недостоинствени спрема болницата и нејзиниот кадар — нагласувајќи дека информациите обелоденети во јавноста се базирани на еднострани и невистинити изјави.
Во заклучокот на прес-конференцијата д-р Теговска порача: “Болницата и во иднина ќе стимулира едукации и професионален развој на младите колеги, но во рамки на предвидените процедури и потребите на болницата — со цел да обезбеди стручна, навремена и врвна здравствена заштита на пациентите, што е и основа за нашето постоење.”
Реадкција Охридскај/Сашо Денесовски
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
