Израелската пејачка Јувал Рафаел, кој го преживеала нападот на Хамас на музичкиот фестивал „Нова“, ќе ја претставува Израел на Евровизија 2025 година, објави денеска „Тајмс оф Израел“.
Рафаел (24) победи на националниот натпревар за избор на изведувач „HaKokhav HaBa“ (во превод: „Следната музичка ѕвезда“), кој ќе ја претставува земјата на Евровизија, каде освои најмногу гласови од жирито и од јавноста.
Последното издание на „HaKokhav HaBa“ започна во ноември, а финалето се одржа вчеравечер. Во конкуренција од четворица финалисти, Рафаел успеа да издвојува победа и да си обезбеди билет за Базел – градот каде што ќе се одржи годинашната Евровизија.
„Не можам да објаснам колку сум возбудена и подготвена! Ви благодарам за честа и довербата да ја претставувам мојата држава на големата евровизиска сцена во Швајцарија“, изјави младата пејачка по победата, а пренесе официјалната веб-страница на Евровизија.
Инаку, пејачката била со пријателите на фестивалот „Нова“ кога палестинската милитантна група Хамас нападна на 7 октомври 2023 година, а преживеала криејќи се под трупови во засолништето покрај патот.
– Музиката е една од најсилните состојки во мојот процес на лекување – изјавила Рафаел во текот на натпреварот.
Таа рекла дека сака да се појави во Европа и „да им ја раскаже приказната за земјата, за она низ што сум поминала, за она низ што поминале другите“.
– Сакам да раскажам приказна, но не барам сожалување. Сакам силно да се соочам со ова, како и со свирежите за кои сум 100 отсто сигурна дека ќе дојдат од (публиката) – рекла израелската претставничка.
Оваа 24-годишна пејачка ја започнала својата професионална кариера минатата година и веднаш ја освоила публиката со својот глас. Како дете, вели, најголеми музички влијанија ѝ биле рок-групите „Лед Зепелин“ и „Скорпионс“, а за свои идоли ги смета пејачките Бијонсе и Селин Дион.
Изборот за песна на Евровизија ќе се одржи во Базел од 13 до 17 мај.
Да потсетиме, учеството на Израел на минатогодишниот Избор за песна на Евровизија предизвика низа контроверзии поради конфликтот во Газа, што резултираше со бројни протести во Малме, Шведска. И покрај бројните критики, израелската пејачка Еден Голан успеа да се пласира во големото финале и да го освои 5. место.