Јавните обвинители, кои постапуваат во истрагата во врска со пожарот во кочанската дискотека “Пулс”, започнуваат да сослушуваат претставници на семејствата – законски застапници на починатите, соопшти Јавното обвинителство на РСМ.
Преку исказите, дадени пред јавен обвинител, тие ќе можат да си ги остварат своите права како оштетени и да се приклучат кон кривичниот прогон.
Исто така, ќе можат и директно да се информираат за текот и фазата во која се наоѓа постапката, но и да кажат свои сознанија за настанот.
За таа цел во следните 2 дена, во соработка со волонтерите од “Support Kocani”, обвинителството ќе ги контактира најблиските на починатите за да се утврди точно време и место во кое ќе можат да си го остварат ова свое право.
Сослушувањата ќе се вршат согласно утврден распоред од 27 мај (вторник) до 29 мајх (четврток) во просториите на јавното обвинителство во договор со оштетените.
Ваквите сослушувања се поединечни и на нив ќе биде повикан по еден законски застапник за секоја од жртвите да се произнесе во однос на правата како оштетени. Тој во својот исказ ќе може да предложи и други лица од семејството кои евентуално имаат сознанија за настанот.
Јавното обвинителство, согласно своите законски овластувања, во текот на целата постапка посветува особено внимание и грижа за жртвите на овој трагичен настан. При сите преземени дејствија и одлуки, обвинителите ги имаат предвид и ги штитат интересите на оштетените.
Воедно, сѐ уште активен е и повикот на обвинителството до сите останати кои што имаат лични сведоштва за несреќата, информации и докази во однос на работата на клубот “Пулс” – Кочани и поврзаните фирми, како и сознанија во врска со работата на институциите надлежни да постапуваат, да ги споделат со истрагата.