Кандидатот за градоначалник на Струмица од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Петар Јанков, вечерва ја прогласи својата победа, означувајќи крај на дваесетгодишното владеење на СДСМ во овој град.
– Според податоците од нашиот аналитички центар, од обработени 82 отсто од гласовите, ВМРО-ДПМНЕ води со 12.223 гласа, наспроти противникот со 7.908 гласа, што е разлика од над 4.000 гласа. Очекуваме трендот да продолжи и во преостанатите избирачки места. Со ова струмичани извојуваа убедлива победа и го соборија бастионот на СДСМ – изјави Јанков пред своите поддржувачи.
Тој им се заблагодари на граѓаните за довербата и најави дека според податоците што ги има, ВМРО-ДПМНЕ ќе има и мнозинство во Советот на Општина Струмица.
– Победи волјата на граѓаните. Струмица заслужува нов почеток и нова енергија – порача Јанков во своето обраќање по изборната ноќ.
Покрај Струмица, ВМРО-ДПМНЕ бележи победи и во неколку други општини.
Во Карбинци, Виктор Паунов повторно ќе биде градоначалник, откако освоил 1.376 гласови, додека кандидатката на СДСМ, Љубица Соколовска, добила 527 гласа. Членовите на партијата веќе ја слават победата во оваа општина.
Во Свети Николе, актуелниот градоначалник Дејан Владев исто така слави победа. Тој на својот фејсбук профил напиша:
„Убедлива победа на ВМРО-ДПМНЕ. Градоначалник во прв круг. Мнозинство во Советот. Благодарам Свети Николе.“
Од ВМРО-ДПМНЕ победа стигна и во Ресен, каде Јован Тозиевски доби нов четиригодишен мандат.
– Благодарам на сите ресенчани затоа што оваа победа е наша заедничка победа. Ќе продолжиме со тековните и нови проекти значајни за Преспа – изјави Тозиевски, додавајќи дека партијата очекува мнозинство и во Советот на општината.