Изведувачот побарал да се урнат столбовите кои стојат повеќе од 25 години, а претставуваат 50 проценти од проектот за пругата Бељаковце-Крива Паланка. Тоа, според премиерот Христијан Мицкоски, би чинело многу скапо и затоа се бара друго решение кое би било побрзо и поевтино.
– Ние со пруга генерално сме затворени од Скопје до Кичево што е дел од Коридорот 8, потоа од Куманово до Бељаковце и од Бељаковце сега се гради втората секција до Крива Паланка. Тука е потпишан договор. Таа пруга е ветувана уште од времето на Бранко Црвенковски. Кога одите кон Кратово, по патот има столбови кои се кренати како носачи и стојат така, зјаат празни. Тие се стари повеќе од 25-30 години. Изведувачот вели, а тоа му го овозможила тендерската документација кога е поднесуван тендерот, најдобро е да ги урнеме и од почеток да градиме нови или пак да ги доработиме на начин на кој што ние сметаме и потоа да продолжиме со проектот, бидејќи тие столбови се практично 50 проценти од проектот. Другото е тунел 30 проценти и останатото е рамен дел околу 20 проценти. Овие 50 проценти се главната дилема. Ако го прифатиме тоа што го предлага изведувачот, тогаш треба да го дуплираме проектот. Дали имаме право на тоа? Немаме право. Затоа што ќе ја направиме убедливо најскапата пруга во историјата на железниците. Дури и онаа на Алпите нема да чини толку колку што би чинела нашето. Не по наша вина. Ќе повторам, но тоа е наследство од минатото и вие морате со тоа да се носите. Затоа, Градежниот факултет, директорот на Македонски железници и инфраструктура, министерот за транспорт работат континуирано, многу напорно за да обезбедат техничко решение кое што ќе биде брзо и евтино, а да биде задржан квалитетот – објасни Мицкоски синоќа во емисијата „Објектив“ на Македонската телевизија.
Премиерот нагласи дека постои проблем кај третата делница што треба да ја поврзе Крива Паланка со границата со Бугарија, бидејќи таа завршува на граница што ја поврзува тунел кој е половина на наша страна а половина на бугарска страна.
– Замислете, треба да потрошите пола милијарда евра за 22 километри пруга, од Крива Паланка до половина тунел и ќе заврши на пола тунел. И ние рековме, чекајте дечки ние не сме толку богати да ги трошиме овие пари, тоа се пари на граѓаните. Ајде да седнеме да се разбереме, да видиме дали бугарската страна воопшто сака нивната половина да ја изгради и дали воопшто сака од нивната половина да ги изгради тие два-три километри да се приклучи на постојната пруга и дали воопшто сака да ја модернизира постојната пруга од Ѓуешево до Софија. Тие ставија приоритет на друга пруга за модернизација тоа е од Софија до Бургас. Со Договорот потпишан во Вашингтон на НАТО Самитот во 2024 година се обврзаа дека ќе го градат Коридорот 8, и тие и Албанија. Од друга страна, Албанија нема мрднато со прст. Таму сега прават пруга која ќе ги поврзе Бари и Драч. Ние ќе ги поврземе Куманово и Крива Паланка за возови, но сепак нашиот интерес е во карго транспортот – рече тој.
Мицкоски нагласи дека постои комплетно игнорирање од бугарска страна.
– Овој викенд ќе има министерски состанок во Истанбул на министрите за транспорт на земјите од регионот и од Европа, и замислете бугарскиот колега нема да оди откако дознава дека нашиот министер и потпретседател на Владата ќе оди. А целта е да се разговара за овие коридори. Ние имаме комплетно бојкотирање од таа страна и игнорирање на овој проект. Ние сме подготвени било каде да седнеме и да прифатиме тие како ќе кажат, само нека градат, бидејќи Коридорот 8 е наш приоритет и приоритет за НАТО, ги поврзува Јадранско и Јонско Море со Црно Море заедно со Коридорот 10. Ќе ја составиме оваа стратешка целина за нас како држава за идните генерации да им оставиме капитал – рече тој.
Околу патната инфраструктура, Мицкоски потенцира дека Коридорите 10 и 8 од наша страна ги имаме затворено.
– Тешко ќе оди изградбата на клучката од Требениште кон Ќафасан. Затоа што е дел од УНЕСКО, не дозволуваат да се гради. Даваме некоја опција старите два патни правци кои ги поврзуваат Охрид и Струга да бидат во една насока. Бараме некоја модификација. Ако веќе тоа пречи, барем овие да се реновираат и да се направат барем до Струга, па ќе видиме како до Ќафасан и со тоа ние Коридорот 8 генерално ќе го затвориме – рече премиерот Мицкоски.
Владата пресметала дека пруга која не е брза, а е побрза од сегашната, карго возот просечно ќе се движи со повеќе од 110 километри на час, ќе се зголеми бројот на композициите кои ќе транзитиарат, а со проширениот капацитет на пристаништето во Грција и со брзата пруга ќе се зголеми и бројот на композиции кои ќе транизитираат дневно.
0Сето тоа во одредена мера ќе доведе до десеткратно зголемување на приходите на Македонска железница инфраструктура и транспорт. Само „Коско“ ќе го зголеми својот транзит на контејнери за пет проценти – рече Мицкоски и додаде дека економската оправданост можеби во нема да се случи во неговиот мандат, но дека треба да се држиме до оваа стратегија.