Судскиот совет внимателно ги следи случувањата во врска со изјавите на носителите на највисоките функции на државната власт и изразува загриженост бидејќи истите се одразуваат на интегритетот на членовите на Судскиот совет и на судиите и директно влијаат врз перцепцијата и довербата на граѓаните за работата на Судскиот совет и судството, соопшти Судскиот совет.
„Секој обид за поткопување на независноста на судската власт преку притисок од каков било вид и од кого било против членовите на Судскиот совет и судиите претставува дирекна закана за независноста и демократијата на државата и за владеењето на правото. Во секоја правна држава, независноста на судската власт е еден од основните столбови за гарантирање на законитоста, правдата и заштита на правата и слободите на граѓаните. Членовите на Судскиот совет и судиите мора да бидат ослободени од каква било форма на притисок и влијание, за да одлучуваат самостојно и независно“, соопшти Судскиот совет.
Советот, се додава во соопштението, упатува апел до сите носители на јавни функции, во своето работење и делување доследно да ги почитуваат Уставот, законите и меѓународните договори, со цел владеење на правото и враќање на довербата кај граѓаните во системот.
Пратениците од владејачкото мнозинство деновиве поднесоа интерпелација против 5-те члена на Судскиот совет што се избираат од Собранието.