Италија од оваа зимска сезона воведе нови правила за посетителите и скијачите во скијачките центри кои треба да ја подобрат безбедноста на скијачките терени.
Според новите правила скијачите, сноубордерите, санкачите, како и еднодневните посетители од сите возрасни групи треба да носат кациги со ознака CE, што гарантира дека опремата е во согласност со европските безбедносни и здравствени стандарди.
Правилото важи за сите скијачки центри во сите италијански општини и сите возрасни групи, без исклучок
Досега, кацигите беа задолжителни само за малолетници. Сега, со зголемената загриженост за повреди и зголемениот број скијачи низ италијанските ски центри, законот е проширен за да ги вклучи и возрасните.
Иако, според податоците од конзорциумот Dolomiti Superski, околу 95% од скијачите веќе користеле кациги, властите одлучија да ги направат задолжителни за сите.
Опсежната регулатива, воведена со амандман на новиот Спортски декрет 96/2025, означува голема промена во безбедноста на патеките и ја одразува амбицијата на земјата да биде пример пред Зимските олимписки игри во Милано-Кортина во 2026 година.
Прекршувањето на прописите може да доведе до казна до 200 евра или привремена конфискација на ски-влезниците до 3 дена.
Друг поврзан амандман ја зајакнува инфраструктурата за итни интервенции во италијанските скијачки центри. Од општините се бара да назначат барем една обележана област за возила за спасување, вклучувајќи простор за амбулантни возила и регионални воздушни амбулантни возила (118 услуги). Дополнително, секој скијачки објект сега мора да биде опремен со барем еден автоматски надворешен дефибрилатор (AED).
Покрај ова, во Италија, рекреативните скијачи треба да поседуваат и полиса за осигурување од одговорност. Непочитувањето на ова правило, исто така, се казнува со висина на казна до 200 евра и конфискација на ски-влезницата. Посебни правила важат и за употреба на алкохол, лекови и храна.
Дозволено ниво на алкохол е до 0,50%, а внесувањето храна во жичарниците и во местата за качување е забрането.
Спротивно на тоа, прописите за кациги на други места во Европа се помалку конзистентни.
Во Австрија, само 7 од 9 федерални општини ги спроведуваат барањата за кациги – главно за малолетници – при што Тирол и Форарлберг се откажуваат. Во Германија, не постои законска обврска за носење кациги на патеките, иако некои одморалишта, силно ги препорачуваат. Слично на тоа, Швајцарија и Франција препорачуваат носење кациги само на скијачките патеки, но не донеле никакви закони. По ужасната несреќа на Михаел Шумахер во Мерибел, употребата на кациги во Франција драматично се зголеми. Во Хрватска, Словачка, Словенија и Полска, кацигите се задолжителни за децата.
Кај нас во Македонија не е јасно прецизирано и назначено за сите возрасти, но според законот за скијалишта, член 51, став 17, скијачот е должен:
„Задолжително да носи заштитна спортска кацига на сите ски патеки, освен на оние што се обележани како лесни патеки – со зелена боја, а доколку е на возраст до 14 години на сите ски патеки.“




























