Министерот за надворешни работи на Иран, Абас Арагчи, денеска изјави дека политиката на „максимален притисок“ врз Техеран, објавена од претседателот на САД, Доналд Трамп, ќе се покаже како „уште еден неуспех“.
– Верувам дека максималниот притисок е неуспешен експеримент и дека обидот повторно ќе доведе до нов неуспех… Загриженоста на САД за наводниот развој на нуклеарно оружје од Иран не е сложено прашање и може да се реши со оглед на противењето на Техеран на оружјето за масовно уништување – рече Арагчи.
Трамп ја започна иницијативата за „максимален притисок“ за време на неговиот прв мандат, откако ги повлече САД од нуклеарниот договор меѓу Техеран и светските сили, кој ги укина меѓународните санкции во замена за ограничување на иранската нуклеарна програма.
Оттогаш, Техеран значително го зголеми збогатувањето ураниум до 60% чистота, приближувајќи се до чистотата од околу 90%, потребни за производство на нуклеарно оружје, изјави Меѓународната агенција за атомска енергија во декември.