Мировните преговори меѓу САД и Иран започнуваат овој викенд во Исламабад, каде разговорите ќе се одржат во услови на засилени безбедносни мерки, поради што властите во Пакистан прогласија дводневен државен празник и ги испразнија улиците во градот.
Американската делегација ја предводи потпретседателот на САД Џеј Ди Венс, заедно со специјалниот претставник Стив Виткоф и зетот на американскиот претседател Џаред Кушнер. Пред состанокот, Венс рече дека САД влегуваат во преговорите со чувство на оптимизам, но во исто време го предупреди Иран „да не се обидува да ги надмудри САД“.
Иранската делегација во Исламабад се состои од 71 лице, вклучувајќи преговарачи, експерти, претставници на медиумите и безбедноста, јавија иранските државни медиуми. Делегацијата ја предводи претседателот на иранскиот парламент Мохамед Бакер Калибаф, а во неа е и министерот за надворешни работи Абас Аракчи.
Предлогот од 15 точки на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, кој не е целосно откриен, наводно вклучува обврска на Иран да не поседува нуклеарно оружје, предавање на својот високо збогатен ураниум, ограничување на одбранбените капацитети на Техеран и повторно отворање на Ормуската Теснина.
– Имаме добри намери, но не веруваме. Нашето искуство во преговорите со Американците отсекогаш било обележано со неуспеси и прекршени ветувања – изјави Аракчи по слетувањето во Исламабад.
Исто така, беше објавено дека Израел и Либан ќе започнат официјални мировни преговори во Вашингтон во вторник. Прекинот на нападите во Либан е еден од условите што ги бара Иран во паралелните преговори со САД.
Трамп изјави дека американската војска се подготвува за нови напади врз Иран доколку преговорите што започнуваат во Пакистан не доведат до конечен договор.
– Сè започнуваме од почеток. Ги полниме бродовите со најдобрата муниција и со најмоќното оружје некогаш направено. Ако нема договор, ќе ги употребиме многу ефикасно – се закани американскиот претседател.
Претходно, Трамп на својата мрежа Truth Social најави „најмоќен рестарт на светот“.
Пакистанскиот министер за надворешни работи Ишак Дар изрази надеж дека САД и Иран ќе имаат конструктивен пристап кон мировните преговори. Тој ја нагласи желбата на Исламабад да продолжи да им помага на страните да најдат трајно и стабилно решение за конфликтот, соопшти пакистанското Министерство за надворешни работи.
Околу 190 странски новинари се акредитирани за следење на разговорите во Исламабад, соопшти пакистанското Министерство за информации и телекомуникации. Новинарите ќе работат од конференцискиот центар Мохамед Али Џина. Пристапот до „црвената зона“, каде што се наоѓа комплексот владини згради, е блокиран, поради што властите обезбедија автобуси за новинарите до конференцискиот центар.
Иранската агенција Тасним јави дека информациите на CNN дека разговорите ќе траат неколку дена не се точни.
Според дописникот на Тасним во Пакистан, моменталниот план предвидува, доколку се одржат разговори, тие да траат еден ден. Се додава дека Иран моментално ја проценува другата страна пред почетокот на дијалогот, додека распоредот сè уште може да се промени.
Преговорите би можеле да започнат вечерва, а засега се разгледува форматот на краток, еднодневен состанок.
Tagged as:
Иран и САД седнуваат на маса стартуваат мировните преговори
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
