Фотографија од елегантен млад човек во класична облека и шешир и луле налик на детективите од приказните за Шерлок Холмс или за Хектор Поаро, ја збуни француската јавност.
Лицето сликано веднаш до полицајци кои стојат кај музејот Лувр ги наведе интернетџиите да коментираат дека токму тој човек е детективот кој ќе работи на случајот со неодамна украдениот накит вреден милиони од музејот.
Некои корисници коментираат дека фотографијата е генерирана со вештачка интелигенција, а трети едноставно рекле дека „само изгледа премногу француски“.
„За да го решиме случајот, ни треба детектив небричен, изморен, човек во развод. Функционален алкохоличар што целиот оддел го мрази. Нема да успееме со детектив кој сериозно носи (класичен мек шешир) федора“, стои во една духовита објава на платформата Икс, која е прегледана повеќе од 5 милиони пати.
Фотографот Тибо Камис, кој ја направил фотографијата, потврдил дека младиот човек е реален и дека нема никаква врска со истрагата. Фотографијата е дел од фотографиите поделени од Асошиејтед прес.
– Го видов, ми изгледаше интересно облечен и одлучив да го фотографирам – изјавил Камис за „Њујорк тајмс“.



























