Илон Маск жестоко го критикуваше законот за даноци и владини трошоци на американскиот претседател Доналд Трамп, нарекувајќи го „одвратен изрод“.
Буџетот – кој вклучува трилиони долари намалување на даноците и зголемени трошоци за одбрана, а воедно ѝ овозможува на федералната влада да се задолжи повеќе – беше усвоен во Претставничкиот дом минатиот месец.
„Жал ми е, но не можам повеќе да издржам“, напиша на X најбогатиот човек во светот, чија соработка со Трамп штотуку заврши и додаде: „Овој огромен, скандалозен и клиентелистички закон за буџетот е ужасна гнасотија. Срам да им е на оние што гласаа за него: знаете дека грешите. Го знаете тоа“.
Ова се неговите први јавни изјави против Трамп откако ја напушти администрацијата, иако претходно го нарече законот „разочарувачки“.
Се проценува дека законот во неговата сегашна форма – кој Трамп го нарекува „одличен, прекрасен закон“ – би можел да го зголеми буџетскиот дефицит, односно разликата помеѓу владините трошоци и приходите, за околу 600 милијарди долари во следната фискална година.
Во серија објави на X во вторник, Маск го нарече законот „скандалозен, полн со непотребни трошоци“, кој „драматично ќе го зголеми веќе огромниот буџетски дефицит на 2,5 трилиони долари (!!!) и ќе ги оптовари американските граѓани со неодржлив долг“.
Портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, рече дека „претседателот веќе знае каков е ставот на Маск за законот“.
Законот сега доаѓа пред Сенатот, каде што веќе почнаа да се појавуваат поделби – иако републиканците имаат тесно мнозинство. Трамп и републиканците во Конгресот поставија рок до 4 јули за донесување и стапување во сила на законот.