Македонскиот кик боксер Бобан Илиоски синоќа во Женева, Швајцарија, успешно ја одбрани светската титула во категоријата до 88,6 килограми според ВАКО Про правилата (К1 стил), со импресивна победа преку технички нокаут во втората рунда против францускиот претставник Кадри Мурсели.
Поддржан од семејството, селекторот Дејан Митровски – Урко и бројни Македонци кои живеат во Швајцарија, Илиоски уште еднаш покажа дека е еден од најдоминантните борци во својата категорија на светско ниво.
Ова беше прва одбрана на титулата што ја освои минатата година во Скопје, по тешка и израмнета борба со турскиот борец Берк Дузенли, која ја доби со судиско мнозинство (2-1). Сега, со убедлив настап и доминација во рингот, Илиоски не само што ја потврди својата класа, туку испрати и јасна порака дека е подготвен за нови предизвици.
„Бобан уште еднаш покажа срце, техника и сила. Оваа победа е резултат на голема посветеност и напорни подготовки“, изјавија од неговиот тим по мечот.
Илиоски останува шампион, а македонското знаме повторно гордо се вееше на интернационалната кик бокс сцена.