Топ Вести - Слушај сега
Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) излезе со препораки до граѓаните за намалување на здравствените ризици за време на постот, предупредувајќи дека промената на режимот на исхрана бара внимателно планирање.
Од ИЈЗ појаснуваат дека постот претставува доброволно воздржување од одредени намирници или целосен прекин на внес на храна во одреден период, што значително ги менува вообичаените навики во исхраната. За да се зачува здравјето и нормалното функционирање на организмот, неопходно е оброците да бидат правилно избалансирани.
„И покрај ограничувањата, исхраната треба да остане разновидна и да обезбеди доволен внес на јаглехидрати, растителни протеини, здрави масти, витамини и минерали“, препорачуваат од Институтот.
Според здравствените експерти, хидратацијата е еден од клучните фактори за време на постот. Недоволниот внес на вода може да предизвика замор, главоболки и проблеми со концентрацијата.
Посебно внимание треба да посветат лицата кои во одредени периоди не внесуваат ниту храна ниту течности. За нив се препорачува постепен и умерен внес на вода во периодите кога е дозволено јадење, со цел да се избегне брзо исфрлање на течностите од организмот.
ИЈЗ советува да се избегнува пржена, премногу солена и засладена храна, бидејќи може да доведе до дехидратација, дигестивни тегоби и нагли осцилации на шеќерот во крвта.
Од Институтот предупредуваат дека неправилно планираниот пост може да предизвика:
– пад на енергијата и концентрацијата
– дехидратација
– недостаток на микронутриенти
– дигестивни проблеми поради прејадување
Особено ризичен е недоволниот внес на железо, витамин Б12, калциум и омега-3 масни киселини кога се избегнуваат животински производи.
Здравствените власти препорачуваат однапред да се планираат оброците за неколку дена, со што се намалува ризикот од импровизирање со нездрава храна.
По подолг период без јадење, советот е оброкот да започне со лесна храна — супи, овошје или салати — а потоа постепено да се воведува покалорична храна.
Во постното мени се препорачува почесто да се вклучуваат:
– леќа, грав и наут
– јаткасти плодови и семки
– интегрални жита
– спанаќ, киноа и тофу
Како најдобар избор за хидратација се посочуваат водата, билните чаеви и супите, додека газираните и засладените пијалаци треба да се избегнуваат.
ИЈЗ посочува дека во периоди на пост понекогаш може да се појави потреба од додатоци во исхраната, како витамини, минерали или омега-3 масни киселини. Сепак, тие не смеат да се користат како замена за балансирана исхрана.
„Пред започнување со каков било додаток на исхраната задолжителна е консултација со лекар или здравствен професионалец“, нагласуваат од Институтот.
Tagged as:
ИЈЗ ПРЕДУПРЕДУВА ЗА ПОСТОТ Еве кои грешки во исхраната можат да ве чинат здравје
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
