Топ Вести - Слушај сега
Игор Станоески познат како Иги Мен, е мултимедијален уметник на кој не му недостасува ниту една уметничка димензија: академски скулптор, сликар, музичар, композитор-аранжер, текстописец и продуцент.
Роден на 2 јули 1986 година во Скопје, своето ликовно образование го стекнува во Средното училиште за применета уметност „Лазар Личеноски“, отсек примeнето вајарство, а потоа дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во класата на Жарко Башески.
По дипломирањето работи паралелно на уметнички истражувања во насока на спојување на класичните медиуми во мултимедијална целина која опфаќа звук (музика), форма (скулптура), цртеж и боја.
Првите интернационални референци ги добива во сферата на музиката и аудио-визуелните проекти, меѓутоа подоцна акцентот на неговото творештво се доближува кон традиционалните ликовни медиуми како сликарството и вајарството низ повеќе самостојни и групни изложби во земјава и надвор.
Во 2017 година го официјализира своето творештво отворајќи ја фирмата „Креативна работилница ИГИМЕН“ со дејности, создавање и издавање на аудио записи и креирање на уметничко творештво.
Како скулптор и сликар, Игор Станоески своите дела ги прикажал на повеќе самостојни и групни изложби во земјава и надвор од неа. Неговата уметност често претставува внатрешни психолошки или општествени теми, визуелизирани преку експресивна форма и необични материјали.
Сега, на 30 декември во Бифе Тафталиџе, Иги Мен има нова изложба на слики насловена „Кратка хронологија“ – настан што ја дополнува неговата богатa уметничка палета.
Според авторот станува збор за краток хронолошки осврт на последниве 6 години од неговото творештво и ќе бидат изложени селектирани дела од изминати циклуси создадени во овој творечки период.
Покрај визуелната уметност, Иги Мен е и многу успешен музичар.
Музичката кариерата ја започнал на 16-годишна возраст, кога неговиот талент бил препознаен од „Јамаха“ и тој станува нивно заштитно лице за Македонија во 2003-та година.
Во 2006 година го отвора клубот „Блуз и Соул“ во Скопје, каде што редовно настапува и до денес. Четири години подоцна, во 2010, со самостоен настап го отвора и Блуз и Соул фестивалот во Скопје, а истата година настапува и како гостин на Грег Рајт – гитаристот од легендарната турнеја Thriller на Мајкл Џексон.
Посебно значајна е препораката што ја добива од Брус Илгауер, сопственикот на култната издавачка куќа „Alligator Records“ од Чикаго, кој ја пофалува неговата интерпретација на „Red House“ од Џими Хендрикс, споредувајќи го со водечките американски гитаристи од неговата генерација.
Во 2011 година, настапува како гостин на Shakura Saida Blues Band, заедно со Дона Грантис – дел од последниот состав на групата Third Eye Girl на Принс. Две години подоцна, во 2013, Игор Станоески завршува во конкуренција од над 2600 уметници на меѓународниот натпревар Playcrossroads (организирана од корпоративната мрежа на Ерни Бал и Ерик Клептон). Во гласањето на публиката и жири комисијата при изборот на првите 10 уметници, беше рангиран на 7-мо место.
Со преку 20 години активна музичка кариера, Иги Мен има реализирано импресивна бројка од над 2000 клубски и концертни настапи во Македонија и во странство.
Има снимено повеќе од 50 авторски и стандардни композиции, објавени на неговиот YouTube канал, како и две концертни ДВД-изданија. Првото, „Modern Vintage“, е снимено во 2009 година, а второто е дел од изданијата на Дирекцијата за култура на Град Скопје, во рамки на Блуз и Соул фестивалот 2010.
Во 2018 и 2019 година реализира низа настапи и кратка турнеја во Германија, вклучувајќи го и Reckenberg Blues Festival, како и бројни клупски концерти, гостувања, снимања и изложби.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖