Лабораториските испитувања на чешката организација на потрошувачи „dTest“ открија присуство на хемикалијата бисфенол А (БПА), поврзана со нарушување на половите хормони, дебелина и зголемен ризик од рак, во цуцлите за бебиња, произведени од четирите големи европски брендови „Philips“, „Curaprox“ и „Sophie la Girafe“, како и „Foshan City Saidah“, пишува британскиот весник „Гардијан“.
Иако сите цуцли се означени дека се „без БПА“, испитувањата покажале присуство на хемикалијата во четири производи, при што највисока концентрација е забележана во цуцлата на „Curaprox“ „Grow with love“, која според стандардите на ЕУ ја надминува дозволената граница.
„Philips“ и „Sophie la Girafe“ наведоа дека присуството на БПА во нивните производи не е значајно и дека спровеле дополнителни тестирања за да го потврдат тоа. „Curaprox“ ги повлече погодените серии од пазарот и понуди враќање на парите.
Прописите на ЕУ ја забрануваат БПА во шишенцата за бебиња, но ограничувањата за цуцлите остануваат помалку строги, што предизвикува загриженост кај експертите за безбедност.
БПА е синтетичка хемикалија што се користи во производството на пластика, но има структура слична на женскиот хормон естроген, чии ефекти ги имитира во телата на луѓето и животните. Бисфенол А (БПА) се смета дека ја нарушува рамнотежата на хормоните, го ослабува имунолошкиот систем и има негативни ефекти врз плодноста.
Уште од триесеттите години на минатиот век познато е дека оваа супстанца е штетна по здравјето на човекот.
– Здравствените ефекти на БПА се бројни – рак на дојка, рак на простата, ендометриоза, срцеви заболувања, дебелина, дијабетес, нарушувања на имунолошкиот систем, ефекти врз репродукцијата, развојот на мозокот и однесувањето, вклучително и кај децата – вели Клое Топинг, активистка од Chem Trust, која не беше вклучена во истражувањето.
Децата се особено ранливи, рече таа, додавајќи дека децата „сè уште се развиваат и нивните органи се многу чувствителни на нарушувања“.
Изложеноста на бисфенол А во раното детство или во матката е поврзана со намален број на сперматозоиди и предвремен пубертет.
-Проблемот со хемикалиите што го нарушуваат хормонскиот систем е што тие дејствуваат во екстремно ниски концентрации- рече таа.