Хантер Бајден, синот не експретседателот на САД, Џо Бајден, нема да ѝ се извини на првата дама Меланија Трамп, и покрај нејзината закана дека ќе го тужи, изјави тој во интервју со независниот новинар Ендрју Калаган, објавено во четвртокот, пренесе Аксиос.
Адвокатите на првата дама побарале синот на Бајден да ја отстрани и повлече изјавата што ја даде за неа во друго интервју со Калаган претходно овој месец, вклучувајќи и тврдење дека осудениот сексуален престапник Џефри Епштајн „ја запознал Меланија“ со претседателот Трамп.
– З*еби го тоа. Тоа нема да се случи – рече Бајден во видеото објавено во четвртокот.
„Хантер Бајден лаже и клевети“
Адвокатот на првата дама, Алехандро Брита, во писмо од 6 август наведе дека изјавата на Бајден е „лажна, клеветничка, навредлива и провокативна“ и се закани со тужба.
Хантер Бајден претходно кажа дека Епштајн ја запознал Меланија со Трамп и дека врските меѓу Епштајн и семејството Трамп „се широки и длабоки“, во претходно интервју со истиот новинар.
Во продолжението од четвртокот, Бајден рече:
– Не верувам во вина само по асоцијација, но врските се толку очигледни што мислам дека се обидуваат да користат други работи за да одвлечат внимание.
Закана за тужба од 1 милијарда долари
Брита се закани дека ќе поднесе тужба со барање за 1 милијарда долари оштета доколку Бајден не издаде „целосно и фер повлекување на видеото“ и навредливите или погрешни изјави.
Брита изјави дека извор на Бајден бил Мајкл Волф, чијашто лага, вели тој, била објавена од порталот Дејли бист во статијата со наслов „Меланија Трамп ‘многу вклучена’ во скандалот со Епштајн: Автор“, рече тој, а од Аксиос не успеале да добијат коментар од Волф.
По добивањето на писмото за прекин и запирање пред една недела, Дејли бист ѝ се извини на првата дама и „ги повлече лажните и клеветнички изјави содржани во статијата со целосно бришење“.
„И покрај тоа, вие неоправдано се потпревте на лажните, клеветнички, навредливи и провокативни изјави на г. Волф за госпоѓа Трамп и злонамерно одлучивте повторно да ги објавите,“ напиша Брита.
Калаган дава отпор
Калаган изјави во четвртокот навечер преку е-пошта дека неговата компанија нема да го отстрани видеото од Јутјуб.
– Ако тие изјави се лажни, тогаш разговарајте со Мајкл Волф кој, иронично, не е тужен – рече тој, алудирајќи на изворот на Бајден за тврдењата.
„Нека објаснат каква врска имаат со Епштајн“
Хантер Бајден во четвртокот изјави дека за него Доналд и Меланија Трамп се насилници кои веруваат дека потенцијалната тужба ќе го исплаши.
Синот на поранешниот претседател рече дека би го поздравил сведочењето под заклетва на кое Трампови би можеле да го разјаснат карактерот на нивната врска со Епштајн.
– Повеќе од среќен сум да им ја обезбедам платформата за да го сторат тоа – рече тој.
Асистентот Ник Клементс изјави во средата навечер преку е-пошта дека адвокатите на Меланија Трамп „активно обезбедуваат веднаш да се издадат повлекувања и извинувања од оние што шират злонамерни и клеветнички невистини“.
Доналд и Меланија Трамп одамна тврдат дека тогашниот агент за модели Паоло Замполли ги запознал на забава за Њујоршката модна недела во 1998 година.