Хамас соопшти дека одговорил на предлогот на американскиот специјален пратеник, Стив Виткоф за примирје со Израел.
Хамас се согласи да ослободи 10 израелски заложници и да ги врати телата на 18 починати заложници во замена за ослободување на палестинските затвореници во Израел. Според нацрт-верзијата на најновиот предлог на Виткоф, Израел за возврат ќе ослободи 125 палестински осуденици за тероризам, кои отслужуваат доживотна казна затвор, 1.111 жители на Појасот Газа, кои се притворени од почетокот на војната на 7 октомври 2023 година и ќе предаде 180 тела на загинати Палестинци.
Американскиот предлог предвидува двете страни во конфликтот да се договорат за параметрите на делумно повлекување на израелските одбранбени сили од Појасот Газа, за време на привременото прекин на огнот.
Како дел од предлогот на САД, Обединети Нации ќе продолжат да обезбедуваат хуманитарна помош за Палестинците, наместо новиот механизам поддржан од Израел, кој стапи во сила оваа недела.
ОН одбија да соработуваат со новиот механизам, со образложение дека тој не ги задоволува потребите на цивилното население во палестинската енклава и му дозволува на Израел да го претвори снабдувањето со храна во оружје против Палестинците.