Предлогот на САД за прекин на огнот во Газа не вклучува обврска на САД дека привременото примирје ќе биде проследено со трајно примирје, изјави за Би-Би-Си висок функционер на Хамас, најавувајќи дека палестинското движење ќе го отфрли предлогот.
Хамас ќе го отфрли најновиот предлог на САД за прекин на огнот во Газа и ослободување на израелските заложници, бидејќи е во спротивност со минатите преговори меѓу преговарачите на Хамас и специјалниот претставник на САД Стив Виткоф, објавува британската Би-Би-Си.
Како што објасни функционерот на Хамас за Би-Би-Си, предлогот не вклучува гаранции дека привременото примирје ќе биде проследено со трајно примирје. Исто така, не дозволува повторно воспоставување на хуманитарниот протокол, според кој стотици камиони што превезуваа хуманитарна помош влегуваа во Газа секојдневно за време на последното примирје.
Сепак, функционерот на Хамас нагласи дека палестинското движење останува во контакт со медијаторите и наскоро ќе го достави својот писмен одговор.Предлогот што го презентираше Виткоф веќе е потпишан од Израел, објави Белата куќа во четврток.
Според извештаите на израелските медиуми, предлогот на Виткоф предвидува 60-дневен прекин на огнот во Газа, за време на кој двете страни ќе преговараат за условите за траен прекин на огнот. Сепак, тој не предвидува продолжување на привремениот прекин на огнот доколку овие разговори траат повеќе од 60 дена.
Предлогот на Виткоф, исто така, предвидува ослободување на десет живи заложници. Ова треба да се одвива во две фази, а палестинското исламистичко движење Хамас треба да ги предаде телата на 18 заложници во замена за ослободување на палестинските затвореници во Израел.
Според предлогот, израелските сили треба да се повлечат, но не е прецизирано каде. Распределбата на хуманитарната помош во енклавата повторно би ја воделе ОН и меѓународните хуманитарни организации. Се очекува двомесечното прекин на огнот да ги поттикне преговорите за прекин на конфликтот меѓу Израел и Хамас.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху претходно во неколку наврати нагласи дека војната во Газа ќе заврши само кога сите заложници ќе бидат ослободени, Хамас ќе биде уништен или разоружан, а неговите лидери ќе бидат испратени во егзил.
Израел одобри најголемо проширување на населбите на Западниот Брег
Во меѓувреме, Израел одобри изградба на 22 нови населби на окупираниот Западен Брег, кои се нелегални според меѓународното право. Неколку од најавените населби веќе постојат, но се изградени без дозвола од владата и сега ќе бидат легализирани. Ќе се градат и нови, објавува британската Би-Би-Си.
Според израелската невладина организација „Мир сега“, која ја следи изградбата на населби, ова е најголемото проширување на населбите од потпишувањето на договорите од Осло пред повеќе од 30 години, објавува Си-Ен-Ен.
„Израелската влада повторно и безрезервно покажува дека претпочита да ја продлабочи окупацијата и да спроведе де факто анексија, отколку да се стреми кон мир“, остро соопшти организацијата.Портпаролот на палестинскиот претседател, Набил Абу Рудеине, во меѓувреме, ја опиша израелската одлука како „опасна ескалација“.
Еврејските населби на окупираниот Западен Брег, како и во Источен Ерусалим и Голанската Висорамнина, се нелегални според меѓународното право. Спогодбите од Осло, потпишани во 1993 година меѓу Израел и Организацијата за ослободување на Палестина, беа наменети како пат кон воспоставување палестинска држава и реализација на решение за две држави, објавува CNN.