Густ облак од прашина што денес покри голем дел од западен Иран ги принуди властите да наредат затворање на училиштата на локално ниво и да апелираат до околу 13 милиони жители да останат дома, објавија локалните медиуми.
Провинциите Лорестан, Илам, Керманшах, Курдистан (на запад), Занџан (на северозапад), Бушер (на југ) и Хузестан (на југозапад) беа погодени од овие мерки, објави иранската државна телевизија.
На населението му се препорачува да не излегува надвор и да носи маска за сите неопходни патувања, додаде телевизијата, нагласувајќи дека локалната видливост не надминува еден километар.
Метеоролошката служба ги припиша временските услови на „движење на голема маса прашина од Ирак кон западен Иран“.
Овој феномен, кој е сè почест во Иран, се влошува поради сушата.