Топ Вести - Слушај сега
Премиерот на Гренланд, Јенс-Фредерик Нилсен, порача дека постојат „црвени линии“ кои не смеат да се преминат во разговорите со Соединетите Американски Држави, нагласувајќи дека иднината на островот не е предмет на преговори. Истовремено, тој призна дека е неопходно дополнително зајакнување на безбедноста во регионот поради, како што рече, сè поагресивното однесување на Русија.
Нилсен и данската премиерка Мете Фредериксен денеска престојуваа во Париз, каде што се сретнаа со францускиот претседател Емануел Макрон, во обид да обезбедат поширока европска поддршка по изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп дека сака САД да преземат контрола врз арктичкиот остров, кој со векови е дел од Кралството Данска.
Иако се најавуваат разговори меѓу Гренланд, Данска и САД за смирување на тензиите, Нилсен порача дека постојат граници кои не можат да се преминат. Тој изрази надеж дека ќе се најде заедничко решение, но без да навлегува во детали.
– Под сериозен притисок сме. Се обидуваме да се справиме со стравот кај нашите граѓани – изјави Нилсен на јавна трибина на Универзитетот Sciences Po во Париз, додавајќи дека регионот мора да добие поголем безбедносен надзор поради руските активности на Арктикот.
Изјавите на Трамп за Гренланд сериозно ги нарушија трансатлантските односи и ги забрзаа европските напори за намалување на зависноста од САД. Иако американскиот претседател минатата недела се повлече од заканите со царини и ја исклучи можноста за употреба на сила, тензиите и понатаму остануваат.
Данската премиерка Мете Фредериксен оцени дека кризата покажала оти Европа успеала да се обедини и да застане на иста страна, особено во спротивставувањето на американските закани со дополнителни царини.
Таа предупреди дека светскиот поредок е трајно променет и дека Европа мора да стане посилна, но истовремено нагласи дека трансатлантското единство останува клучно, бидејќи, според неа, Русија не покажува волја за мир.
– Ако ѝ дозволиме на Русија да победи во Украина, таа нема да застане тука – порача Фредериксен, додавајќи дека најдобриот пат за Европа и САД е да останат заедно.
Иако дипломатскиот спор меѓу Данска и САД, двете основачки членки на НАТО, во еден момент се сметаше за сериозна закана за Алијансата, конфликтот засега се води исклучиво на дипломатско ниво.
Во меѓувреме, Русија продолжува да го зацврстува своето воено присуство на Арктикот. Повеќе од половина од копнената површина на регионот е под руска контрола, а Москва од 2005 година повторно отвори и модернизираше десетици воени бази од советската ера. Кремљ, пак, ги отфрла тврдењата за закани кон Гренланд, оценувајќи ги како „мит што поттикнува хистерија“.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
