Граничниот премин Евзони од денес напладне е целосно блокиран од грчките земјоделци, кои го затворија преминот и за влез и за излез од Грција. Не е познато до кога ќе трае блокадата.
На локацијата се собрани над 150 трактори и земјоделски машини, а блокадата постојано се засилува со нови возила од областа Пеонија, објави грчката агенција АНА-МПА.
Граничниот премин беше затворен и вчера околу 18 часот. Првично земјоделците го блокираа само влезот за камиони, но брзо преминаа на целосна општа блокада која траеше до полноќ.
Протестите не се ограничени само на Евзони. Слични блокади има и на патарината при излез од Солун на автопатот кон Атина, како и во близина на градовите Лариса и Кардица, каде земјоделците го блокираат истиот автопат.



























