Законот за заштита на потрошувачите, предложен од парламентарното мнозинство, влегува во натамошна собраниска процедура, најави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојановски, на денешната прес-конференција. Според него, овој закон ќе обезбеди поголема транспарентност на цените во маркетите и ќе овозможи потрошувачите полесно да ги споредуваат производите.
– Во насока на заштита на стандардот на граѓаните, предложените мерки се движат во два правци. Првиот е јавно објавување на цените на маркетите на нивните веб-страници, а вториот се однесува на мерката која веќе ја најави Владата – изјави Стојановски.
Со новиот закон, сите големи, средни и мали трговци што вршат малопродажба ќе имаат законска обврска да ги објавуваат цените на своите производи на интернет. Оваа обврска ќе се применува секојдневно, со ажурирање на тековните продажни цени.
Законот, како што посочи Стојановски, предвидува и активен надзор од страна на инспекциските служби
– Даваме овластување на инспекторите да постапуваат на терен и да санкционираат доколку овие обврски не бидат исполнети – истакна тој.
Според Стојановски, ова законско решение носи три важни придобивки:
– Транспарентност – потрошувачите ќе имаат полесен пристап до информации за цените.
– Фер конкуренција – сите трговци ќе бидат обврзани да ги почитуваат истите правила.
– Заштита на потрошувачите – ќе се елиминираат скриените трошоци и нејасните цени.
Овој модел, како што нагласи пратеникот, веќе успешно се применува во Израел, Италија, Франција и Хрватска, каде што довел до намалување на цените.
– Со објавувањето на цените на интернет, ќе се создадат можности за развој на дигитални алатки, преку кои граѓаните директно ќе ги споредуваат цените и ќе одлучуваат каде најисплатливо да купуваат – заклучи Стојановски.