Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, објави дека ја прифаќа кандидатурата за трет мандат, поддржан од неговата матична партија ВМРО-ДПМНЕ. Објавата ја сподели синоќа на својата официјална Фејсбук-страница, изразувајќи благодарност и чувство на голема одговорност.
„Со голема благодарност и чувство на одговорност ја прифаќам кандидатурата за трет мандат како градоначалник на Кавадарци, од мојата матична партија ВМРО-ДПМНЕ,“ напиша Јанчев.
Тој им се заблагодари и на премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за довербата и поддршката, оценувајќи дека оваа кандидатура претставува не само обврска, туку и чест.
„Веќе осум години испишуваме страници полни со дела – од модернизација на инфраструктурата, преку поддршка за образованието, до создавање услови за подобар живот. Застанувам зад сето она што сме го реализирале како тим, како заедница“, порача Јанчев во своето обраќање до кавадарчани.
Тој нагласи дека патот на промените продолжува, со фокус на развојот на Кавадарци и заедничка иднина.
„За Кавадарци што чекори напред со сигурен и цврст чекор. Нема запирање! Одиме заедно – за Кавадарци!“, заврши Јанчев.